Гевгелиското трпезно грозје на чекор до големите европски супермаркети
Гевгелиското трпезно грозје е на чекор до
големите синџири на европските супермаркети. На последната онлајн-конференција „Увоз од Југоисточна Европа“ за презентација на препознатливите потенцијални добавувачи на трпезно грпзје, сливи и цреши, одржана во Германија, една од водечките мрежи за дистрибуција на свежиот зеленчук и овошје во Европа Greenyard беа презентирани неколку извозно ориентирани македонски компании. Поточно, беа презентирани компаниите од нашата земја кои имаат производни потенцијали за извоз во големите европски синџири на супермаркети.
На конференцијата гевгелиската компанија „Виториа Фруит“, партнер на Програмата за зголемување на вработливоста ИМЕ, беше претставена како пример на компанија која за неколку години успеа да ги воведе сите стандарди на квалитет, безбедност и пакување на трпезно грозје. Од тие причини „Виториа Фруит“ стана сигурен партнер на дистрибутивната мрежа Greenyard. А, тоа значи дека трпезното грозје на оваа компанија од Гевгелија е на чекор до најголемите европски супермаркети.
На конференцијата, исто така, компаниите „Баџо“ и „Рудине“ ги претставија своите капацитети за производство и извоз на сливи, согласно европските стандарди. Воспоставената соработка на македонските компании со дистрибутивната мрежа Greenyard го отвори европскиот пазар за нивните производи. Во прв ред, произведеното квалитетно трпезно грозје и сливи.