Проширување и подобрување на условите во Детските градинки во општина Гевгелија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија,
Зоран Заев и градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес, ја посетија новата Детска градинка во Прдејци, каде што наскоро ќе бидат згрижени 20 деца од ова населено место. Притоа, премиерот Заев изрази задоволство што се прошируваат и дисперзираат капацитетите на предучилишните установи.
- На покана од градоначалникот Сашо Поцков, денес сме во Прдејци, а поводот е навистина за поздравување бидејќи со новата Градинка во ова населено место им се излезе во пресрет на барањата на родителите за згрижување на нивните деца во местото на живеење. Новиот објект на градинката, во кој се згрижуваат околу 20 деца, се гради по најсовремени стандарди со средства од Општина Гевгелија во износ од 6 милиони денари и се опремува од страна на Министерството за труд и социјална политика, истакна премиерот Заев и додаде дека еден од приоритетите на Владата е да обезбеди услови за правилен ран детски развој, преку градење нови градинки или целосна реконструкција и проширување на капацитетите на градинките кои притоа ги задоволуваат стандардите за енергетска ефикасност и систем за еколошко греење. И тоа, не само во општинските центри, туку и во другите населени места, каков што е случајот со Прдејци.
- Обезбедени се дополнителни 15 милиони евра за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки и дека Владата продолжува да ја искоренува детската сиромаштија, со цел да се постигне 60% опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година, заврши Заев.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, информираше дека за изградба на градинката од Општинскиот буџет, во првата фаза, биле издвоени скоро 5 милиони денари, како и дополнителни 900.000 денари за завршните работи. Мебелот и опремата се обезбедени од Министерството за труд и социјални работи. Општина Гевгелија постојано финансиски ги поддржува иницијативите и проектите за подобрување на условите за престој, но и проширување на капацитетите во предучилишното образование. Покрај градинката во Прдејци која наскоро ќе биде и официјално отворена, сакам да најавам дека, годинава, во ова населено место ќе се реализира уште еден значаен проект со финансиска поддршка од Владата на Република Северна Македонија. Станува збор за Домот на културата кој ќе биде реконструиран, така што по толку децении граѓаните на Прдејци ќе добијат еден значаен објект. За реализација на овој проект на Општина Гевгелија од страна на Владата на РСМ и се доделени 13 милиони денари од пренаменетите средства за ТАВ, истакна градоначалникот Сашо Поцков.
Директорката на ЈОУ ДГ „Детска радост“ од Гевгелија, Елизабета Стојменова, рече дека во изминативе три години со бројни проекти и зафати значително се подобрени условите за престој на децата во Детските градинки во Гевгелија и во населените места. За таа цел беа вложени над 10 милиони денари, заштедени средства од донациите, но и средства обезбедени од Општина Гевгелија. Покрај ова, и во услови на пандемија настојувме да ги прошири капацитетите и да излеземе во пресрет на барањата на родителите. Така, покрај трите детски градинки во Гевгелија, Градинките во: Негорци, Миравци, Богородица и оваа во Прдејци, по барање на родителите отворивме јасли во Миравци. Наскоро очекуваме со поддршка од Министерството за труд и социјални работи да биде реализиран проектот за доградба на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, со што ќе се обезбедат дополнителни капацитети за згрижување на уште стотина деца, истакна директорката Елизабета Стојменова.
На настанот во Прдејци присуствуваа пратеничката Марија Костадинова и претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов.