Поради непочитување на мерките- зголемен бројот на заболените од КОВИД-19
- Бројката на новозаболени од КOВИД-19 во Општина Гевгелија
е во пораст, но не толку драстично како пред крајот на минатата година, изјави директорот на Општата болница во Гевгелија, д-р Митко Крџев, на денешната седница на Советот на Општина Гевгелија, а по повод информацијата за состојбата со здравствената заштита на населението во Општина, по која расправаа советниците. Зголемениот број на новозаболени најдобро се гледа од споредбените податоци за епидемиолошката состојба. Во периодот ноември-декември минатата година, на дневна терапија имаше 50-60 пациенти, а на болнички третман 20 заболени. Од 15 јануари до 15 февруари, годинава, на дневен третман имаше од 15-20 пациенти, додека од 2 до 8 пациенти на болнички третман. Од пред две недели беше евидентиран регрес на позитивни случаеви, така што на дневен третман имаше и по 32 пациенти, а хоспитализирани беа 8 пациенти, рече д-р Крџев, нагласувајќи дека последниве денови дневната статистика покажува дека во Гевгелија имаме и по 26 новозаболени од КОВИД-19. И тоа, најбројни се, кога станува збор за регионот, жителите во населените места Стојаково и Богданци, додека во Општина Гевгелија- Прдејци и Богородица.
Инаку, болничкиот тртетман се извршува во КОВИД-центарот, кој профункционира на 1 февруари, годинава,каде што се врши тријажа на пациенти, тестирање и лекарски прегледи и третмани од страна: на еден интернист, пет лекари од општа пракса, десеттина медицински сестри, лаборанти и неколку болничари. Овде, исто така, Центарот за здравје- ПЕ Гевгелија врши тестирање со ПСР и брзи тестови, појасни директорот на Општата бOлница во Гевгелија. Притоа, според Крџев зголемениот број на новозаболени се должи на непочитувањето на мерките од страна на дел од граѓаните, социјалното дружење и групирање, пред се, на младите во околните туристички центри, како и посетата на скијачките центри во и надвор од земјата.
Советот на Општина Гевгелија апелираше за доследно почитување на заштитните мерки како единствен предуслов за повторно стабилизирање на епидемиолошката состојба во општината. Истовремено, беше побарано од надлежните општински и државни органи и институции да го зајакнат инспекцискиот надзор околу примената на заштитните мерки од Корона вирусот. Посебно, кога станува збор за работното време и групирањето во угостителските објекти, но и во околните туристичко-рекреативни центри.