2.500.000 денари од Буџетот на Општината- поддршка за развој на културата
Пандемијата од КОВИД-19 наметна нови правила
на однесување во сите сфери на локалното живеење. Задолжителните протоколи за превентивна заштита од пандемијата го изменија традиционалниот начин на организирање културни настани и манифестации. Во тој контекс, Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање проекти од областа на културата во општина Гевгелија за 2021 година, усвоена на последната седница на Општинскиот совет значително ги намали планираните буџетски средства за култура во однос на минатата 2020 година. Така, за разлика од 2020 година, во која за културата беа издвоени 4.000.000 денари, годинава, се планира финансиска поддршка на програми и проекти од културата во висина од 2.500.000 денари. Овие средства планирано е да бидат распределени помеѓу 38 апликанти, правни и физички лица кои се пријавија на јавниот конкурс.
При распределбата на средствата се водеше сметка Општината да овозможи продолжување на традицијата и одржување на културни настани кои ќе ги задоволат очекувањата на гевгелиската публика, а во исто време ќе се почитуваат сите пропишани превентивни мерки за заштита од КОВИД. Тоа, секако, претпоставува нови форми на добро познатите и прифатени низ годините наназад на: „Смоквијада“, „Меѓународен натпревар за млади пијанисти“, „Распеана чаршија“, „БОШ ФЕСТИВАЛ“, активностите на Градскиот мешан хор „Гортинија“, фолклорните уметнички друштва и сл.