Епидемиолошката состојба во општина Гевгелија алармантна, побарано воведување полициски час
Општинскиот штаб за заштита и спасување на денешната
седница констатира дека епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија е алармантна, бидејќи за само 2 дена во општина Гевгелија се регистрирани 77 новозаразените од КOВИД-19. Притоа, од Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија беше информирано дека во текот на вчерашниот ден биле евидентирани 49 новозаразени во регионот, што е досега највисока дневна бројка, бидејќи досега највисоката евидентирана бројка изнесуваше 38. Што е уште полошо, цели фамилии се новозаразени, и тоа, се почесто со сериозни симптоми. По појавата на мутациите од Корона вирусот загрижувачки е што старосната граница на новозаразените со тешка клиничка слика е поместена на 20 до 30 години.
На Општинскиот штаб за заштита и спасување, исто така, беше констатирано дека состојбата во Општата болница во Гевгелија станува критична поради напливот од огромниот број на новозаразени пациенти од КОВИД-19, поради што се чека на ред за болничко легло. Во новоотворениот модуларен КОВИД-центар во Гевгелија сите болнички легла се зафатени, како и во тријажниот центар. Од друга страна, можноста за ротирање на здравствените работници е ограничена бидејќи бројот на здравствените работници е преполовен. Имено, дел од лекарите, медицинските сестри, лаборантите и болничарите се заразени од Ковид 19, а, за жал, е забележан и првиот смртен случај на една лаборантка во оваа болница.
Затоа, од понеделник се затвора Одделението за физикална терапија кај Негорци, а дел од вработените ќе бидат ротирани на другите одделенија каде што има потреба. На Одделението за хирургија ќе се вршат само итни операции и хируршки интервенции, а поради редуцираниот број на здравствени работници и на другите одделенија приоритет ќе имаат итните случаеви, соопштија од Општата болница во Гевгелија.
Едногласна беше оценката на Општинскиот штаб за потребата од враќање на рестриктивните мерки во сила во Општина Гевгелија.
Затоа, и Општинскиот штаб ги донесе следните мерки и заклучоци:
1.Се бара од граѓаните доследно да ги почитуваат и применуваат заштитните мерки од КОВИД-19 (носење заштитна маска, редовна дезинфекција на раце и површини, како и одржување на соодветно растојание на затворено или отворено);
Надлежните општински и државни органи да ја засилат контролата на примената на мерките и протоколите за заштита од Корона вирусот.
- Да се реактивираат патролните екипи составени од Општинска инспекција, ОВР- Гевгелија, Државен пазарен инспекторат, Трудова инспекција и членови на Советот на Општина Гевгелија, пред се, на угостителските објекти, обложувалниците и клубовите со автомати за игри на среќа.
- Сите економски оператори, јавни и други установи кои вршат продажба и други услуги на граѓаните (продавници, супермаркети, банки) да ја засилат и доследно да ги применуваат заштитните мерки.
- Се задолжуват одговорните лица на сите производствени капацитети доследно да ги применуваат заштитните мерки и протоколите за работа.
- Се забрануваат групирања на јавни површини (паркови, Вардарски Рид, Динќут, Негорски бањи), како и во туристичката населба Смрдлива Вода, Хума, Конско, Серменин.
Надлежните органи да ја засилат контролата, особено, во поголемите населени места и доколку не се почитуваат мерките да преземат соодветни санкции.
- Привремено се забранува користењето и престојот на деца и возрасни во детските игралишта поради што истите ќе бидат оградени соодветно со ленти и непочитувањето на забраната ќе се санкционира.
- Се препорачува до граѓаните и Гевгелиското Архиерејско намесништво, денес и утре, за време на Задушница, да ги одбегнуваат групирањата и да се придржуваат доследно на заштитните мерки.
- Градскиот пазар ќе продолжи со продажбата на земјоделски и текстилни производи, но само за продавачи од општините: Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран. Движењето да се одвива само на еден влез, а продавачите и купувачите доследно да ги применуваат заштитните мерки.
- ЈПКД „Комуналец“ да продолжи со редовната дезинфекција на улиците и јавните површини во градот и во сите населени места.
- Превозниците и учесниците во јавниот автобуски сообраќај и такси-превозот доследно да го применуваат протоколот за превоз на патници, како и примената на редовна дезинфекција.
Да се поднесе до Главниот кризен штаб Барање за преиспитување на зголемениот процент на пополнетост на автобусите од 75% на 50%, барем за Општина Гевгелија, поради влошената епидемиолошка состојба.
Покрај ова барање, Општинскиот штаб за заштита и спасување заклучи, исто така, да се поднесе барање до Главниот кризен штаб за ограничување на движењето во Општина Гевгелија, во периодот од 21:30 до 5:00 часот, до повторно стабилизирање на епидемиолошката состојба.