Засилена контрола за заштита од Корона вирусот
Веднаш по денешната седница на Општинскиот штаб
за заштита и спасување -Гевгелија, градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, изјави:
- Општинскиот штаб констатира дека состојбата е повеќе од алармантна, како поради досега незабележаниот пораст на бројот на заразените од КОВИД-19, така и поради целосно пополнетите болнички капацитети на пациенти со сериозни симптоми. Уште позагрижувачки е што се зголемува и бројот на здравствените работници, па, денес го имаме и првиот смртен случај на лаборантка во Општата болница, за што жалам и изразувам најдлабоко сочувство. Затоа и едногласна беше оценката на Општинскиот штаб за целосно враќање на рестриктивните мерки, поради што ќе побараме од Главниот кризен штаб на Република Северна Македонија да воведе ограничување на движењето во Општина Гевгелија, од 21.30 часот до 5 часот наутро, барем, додека не се стабилизира состојбата. Покрај ова барање, Општинскиот штаб заклучи да побараме од Главниот кризен штаб да ја преиспита мерката за ограничена пополнетост на автобусите во јавниот превоз, поради непочитување на мерките, и повторно враќање на процентот на 50%.
Поради влошената епидемиолошка состојба, Општинскиот штаб побара засилена инспекциска контрола, но и заострени санкции кон прекршителите на заштитните мерки.
- Повторно ги враќаме патролните екипи за контрола на почитувањето на заштитните мерки во угостителските објекти, пред се, во кафичите, кои се најголеми жаришта на зголемениот број на заразени. Затоа што овде се собираат голем број млади луѓе кои не се придржуваат на мерките за носење маска и одржување на дистанца. Покрај ова, ќе одржам повторно состанок со угостителите кои стопанисуваат со кафичите, во обид уште еднаш да ја сфатат сериозноста на состојбата и веќе евидентните последици по здравјето на граѓаните, изјави градоначалникот Поцков.
Според раководителот на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, д-р Сашо Олумчев, британскиот сој на Корона вирусот, по се изгледа, е присутен и на овие простори, бидејќи инфективноста е значително зголемена. Бројките енормно растат, а што е уште покарактеристично се почести се пациентите со сериозни симптоми.
- Се поголем број на млади луѓе се новозаразени и ако до неодамна младите луѓе беа, главно, преносители на вирусот, сега страдаат, односно се заразуваат. Како резултат на недисциплината и непочитување на мерките, присутен е наплив на голем број пациенти во регионот, цели фамилии се заразуваат, почнувајќи од младите, па се до возразните. Доколку ваквиот тренд продолжи, состојбата ќе биде критична, бидејќи модуларниот КОВИД-19 центарот е преполн, а бројот на здравствените работници е преполовен, односно, се заразени или во изолација. Затоа, неопходни се рестриктивни мерки и санкционирање на секое непочитување на заштитните мерки, бидејќи, по се изгледа, граѓаните поинаку не ја сфаќаат сериозноста на состојбата, изјави д-р Сашо Олумчев, по денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Притоа, нагласи дека многу е важно за суспектните пациенти, по направениот брз тест или појавени симптоми, да не чекаат дома, туку веднаш да се јават на матичниот лекар, бидејќи потоа е доцна за лекување.