Во Гевгелија, потпишан Меморандумот за соработка помеѓу МВР И ОБСЕ
Денеска, во Гевгелија, во хотел „Принцес“, беше потпишан
Меморандум за соработка помеѓу Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи и Клеменс Која- шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во рамките на одбележување на завршување на проектот „Намалување на ризикот од пролифеација на оружје и муниција. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка се означи почетокот на новиот проект „Поддршка на националните власи на РСМ во намалување на ризикот од пролифеација и злоупотреба на малото и лесно оружје“.
– Ако во штотуку завршениот проект фокусот беше свртен кон самата институција, односно кон развивањето сеопфатна внатрешна регулатива и процедури согласно прифатените меѓународни стандарди, како и зголемување на физичката безбедност и обезбедување на контролиран пристап преку инсталирање на современ безбедносно-технички и телекомуникациски-информациски систем на мерки за безбедносна заштита, со новиот проект што стартува, целите се насочени многу повеќе кон институционално дејствување во спроведување на законот, преку развивање на професионални капацитети способни за справување со транснационалните закани и организираниот криминал, во согласност со меѓународните демократски начела и стандарди за човекови права, рече Спасовски.
– Неретко сме сведоци дека овој вид незаконски и криминални активности претставува и еден од катализаторите кој што дополнително ги трансформира локалните инциденти во многу пошироки регионални и глобални настани. Од овој аспект примарно е заедничкото градење на стандарди за развој на ефективни системи за размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување на соодветни програми, рече Спасовски.
Безбедноста на националните залихи на малото и лесно оружје, според амбасадорот Која, е од огромно значење за зголемување на безбедноста и придонес во борбата против организираниот криминал и спречување на трговијата со луѓе, што на крајот придонесува и за безбедноста на граѓаните во регионот и пошироко.
Инаку, со Меморандумот, МВР и ОБСЕ и формално се согласуваат да спроведат неколку проектни активности за зајакнување на капацитетите на Министерството за детекција на малото и лесно оружје преку ефикасна употреба на службените кучиња, пилотирање на систем за размена на информации во реално време како придонес во борбата против недозволена трговија со мало и лесно оружје и зголемување на свеста кај јавноста од пролиферацијата и злоупотребата на оружјето.
– Активноста која се однесува на унапредување на оперативните и аналитичките капацитети за борба против недозволена трговија со мало и лесно оружје на Националната комисија за контрола на мало и лесно оружје особено ја истакнувам како чекор напред кој значително ќе придонесе и кон оптимизирање на работата на Комисијата, но и кон ефикасно спроведување на патоказот кон одржливо решение за незаконско поседување и шверц со мало и лесно оружје и муниција за Западен Балкан до 2024 година, истакна меѓу другото Спасовски.
Министерот Спасовски се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и на амбасадорот Која за организирањето на овој настан за одбележување на почетокот на проект, финансиран од германското Сојузно министерство за надворешни работи.