Советот на Општината бара поништување на дозволата за складирање и третман на отпад на фирмата G&O Waste Solution во Гевгелија
Советот на Општина Гевгелија на 59 седница,
одржана на 15 март 2021 година, расправаше за активностите во врска со пробното производство на инсталацијата за складирање и третман на отпад на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата на улицата „Индустриска“ во Гевгелија. Расправата уследи по бројните реакции во јавноста, како од невладините организации, така и од компаниите кои поседуваат стопански капацитети во непосредна близина.
На седницата, во опстојната расправа, во која учествуваше онлајн и директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, беше констатирано дека Советот на Општина Гевгелија ги поддржува сите иницијативи и активности за поттикнување на локалниот економски развој. Но, истовремено, беше нагласено дека во изминатиот период Советот на Oпштината на неколкупати заради заштита на животната средина и ориентираноста на општината кон еколошко земјоделско производство и туризам, негативно се изјаснувал на барањата за отворање на погони за преработка на отпад и за истражувања и ископувања на металични суровини.
Поради очигледни отстапувања од Законот за управување со отпад и Планот за управување на отпад во Општина Гевгелија 2017-2022 година, Советот на Општина Гевгелија побара од Министерството за животна средина да ја поништи издадената дозвола за складирање и третман на отпад на компанија G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата на улица „Индустриска“ во Гевгелија, додека од .Државниот инспекторат за животна средина и Државниот управен инспекторат беше побаран инспекциски надзор на целата постапка и работењето на инсталацијата на оваа компанија во подружницата во Гевгелија.
Истовремено, Советот на Општина Гевгелија, согласно Планот за управување со отпад во Општина Гевгелија 2017-2022 година и Законот за управување со отпад, донесе негативно мислење за потребата од издавање потврда од страна на Општина Гевгелија на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје за складирање и третман на отпад во Гевгелија. Притоа, беше нагласено дека Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Гевгелија, по барање на компанијата, има издадено единствено Уверение за катастарската парцела (бр.11-736/2 од 15.09.2020), што никако не значи и потврда, односно согласност за вршење третман и складирање на отпад на наведената локација.
Заклучоците беа донесени едногласно од сите членови на Советот на Општина Гевгелија, а истите ги објавуваме во целост:
ЗАКЛУЧОЦИ
- Министерството за животна средина и просторно планирање да ја поништи издадената Дозвола за складирање и третман на отпад на Компанија G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата на улица „Индустриска“ во Гевгелија.
- Притоа, да се утврди дали инвеститорот постапил согласно чл. 32 од Законот за управување со отпадот, според кој бил должен да добие потврда од Општина Гевгелија дека локацијата на која планира да ја врши дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад се наоѓа надвор од населено места, односно дека истата е предвидена согласно со планската и урбанистичката документација на општината како локација за наведената дејност.
Имено, според Имотниот лист број 1997, наведениот погон на улица „Индустриска“ во Гевгелија, каде што е сместена инсталацијата на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, се уште се води под закуп на ДПИТ„П и П Индустрис“ ДОО Скопје.
- Дали од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање бил извршен увид на самото место за инсталирање на инсталацијата, заради утврдување на исполнетоста на условите за добивање на дозволата.
Притоа, дали била водена сметка дека во непосредна близина на инсталацијата за складирање и третман на отпад на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата на улицата „Индустриска“ во Гевгелија, се наоѓаат прехранбени производни погони (пекара, винарија, ран зеленчук, погон за тестенини).
- Бидејќи од Општина Гевгелија не била побарана од страна на инвеститорот, а ниту издадена никаква Потврда, согласно член 32, алинеја 2 од Законот за управување со отпад, дека „правните лица за да можат да ја вршат дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад мора да ги исполнуваат минимално-техничките услови во поглед на локацијата, потребната инсталација и опрема за складирање, третман и/или преработка на отпад и негово идентификување, како и системот за следење и видеонадзор на отпадот“, како и дека, “локацијата на која ќе се врши дејноста складирање, третман и/или преработка на отпад да се наоѓа надвор од населени места, односно истата да е предвидена соглано со планската и урбанистичката документација на општините“, бараме Државниот инспекторат за животна средина и Државниот управен инспекторат да извршат инспекциски надзор на целата постапка и работењето на инсталацијата на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата во Гевгелија.
- Имајќи предвид дека во Планот за управување со отпад во Општина Гевгелија 2017-2022 година не е предвидено отворање на инсталации за складирање и третман на отпад на други локации, освен во Времената депонија, како и можноста во истиот погон да се третира отпад од други општини, Општинскиот инспектор за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина, да извршат контрола на потеклото на пластичниот отпад, кој се третира во подружницата на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата во Гевгелија и да преземат соодветни мерки.
- Да се поднесе барање, до Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Северна Македонија за автентично толкување на Законот за управување со отпад, член 32, став 1 и 2, алинеја 2, и неговата примена при издавањето на Дозвола за складирање и третман на отпад на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата во Гевгелија.
- Советот на Општина Гевгелија, согласно Планот за управување со отпад во Општина Гевгелија 2017-2022 година и Законот за управување со отпад, донесе Негативно мислење за потребата од издавање потврда од страна на Општина Гевгелија на компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје за складирање и третман на отпад во Гевгелија, имајќи ги предвид веќе донесените стратешки документи и заложби на Општината за заштита на животната средина. Посебно, што Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при Општина Гевгелија има издадено единствено Уверение за катастарската парцела (бр.11-736/2 од 15.09.2020), што никако не значи и Потврда, односно согласност за вршење третман и складирање на отпад на наведената локација.
- Општина Гевгелија ги подржува сите инвестициони вложувања на своето подрачје, вклучувајќи ја и лесната и незагадувачка индустрија, но не во градежниот опфат на населеното место, туку на друга соодветни локации.