Поцков: „Пописот е неопходен за креирање развојни политики“
На панел дискусијата која се одржа денеска,
во Народниот театар- Гевгелија, во организација ЦИВИЛ МЕДИЈА, во врска со претстојниот попис, а насловена како „ПОПИС: Статистика, не политика“, присустуваа градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, претседателката на Комисија на Пописен реон 11- Гевгелија и Дојран, раководител на Одделение за стручно-административни и општи работи во Општина Гевгелија, Ката Ристова и Ристо Камов, член на Советот на Општина Гевгелија.
Во врска со дискусијата за потребата од одвојување на политиката од статистиката, важноста на потребата од попис и неговото значење за развојот на општините, во своето обраќање градоначалникот Поцков истакна:
- Пописот е статистичка операција. Прашањето е како треба да функционира едно општество. Една држава за да може да креира политики мора да има попис, а ние сме со ист попис од 2002 година. Не знаеме колку сме, а треба да креираме политики, зонско паркирање, образование. Се се сведува на бројки.
Треба да се направи стратешки документ, каде, потоа, на база на тој ќе се донесуваат одлуки. Кога се попишува, не се попишува само луѓе, се попишува и имотот. Како да знаеме какво зонско паркирање да направиме ако не знаеме колку автомобили имаме. Просто е прашањето како јас гледам на пописот. Целта на пописот е статистичка операција која треба да ни даде одговор на се. Во сите општини фали реална проценка на имот, односно данок на имот. По мене ова беше шанса да со пописот да има посебен образец за имотот и од правни и физички лица, но требаше порано да се изберат попишувачите. Во цел свет, финансирањето на општините најмногу оди од данокот на имот.
- Во образованието, дуалната настава бара повеќе пракса. Ние мора да поттикнуваме процеси, а не да чекаме да се случат. Се тоа мора да произлезе од бројки. Без попис нема да го знаеме капацитетот на фабриките. Во Гевгелија 80-100 деца не можат да се запишат во градинка. Но, од каде се тие деца, од Гевгелија или од менаџерски кадар што работи во Гевгелија. Бројките мора да се знаат за да можеме да планираме дали за 5 години ќе ни требаат повеќе градинки или не, посочи Поцков.
Претстедателката на Комисијата за Пописен реон 11, Ристова, ја нагласи важноста на Пописот 2021 година, споделувајќи информации за подготовките околу пописот и соработката со Општина Дојран:
- Пописот треба да се одржи бидејќи е од исклучително значење за државата. Ние не спроведовме 20 години попис и не ги знаеме точните бројки. Во пописниот регион 11 се наоѓаат општините Гевгелија и Дојран со кои имаме одлична соработка и ни ги обезбедија сите потребни услови за работа. Според последниот попис од 2002 година, во овие две општини има околу 25 илјади жители, но дали ќе имаме толку жители сега ќе покаже овој попис што ќе се спроведе сега.
- За овие две општини потребни се 88 попишувачи, а се пријавија повеќе од 100 лица. Досега се почитувани сите протоколи и препораки за заштита од Ковид 19. И во иднина сите попишувачи строго ќе ги почитуваат мерките за спречување на ширење на пандемијата. Oваа година, нема да има пенкала, моливи и хартија за попишување, туку овој попис ќе се спроведе преку лаптоп компјутери. Се надевам дека со пописот ќе го положиме тестот на човечност. Знаејќи го менталитетот на граѓаните на општина Гевгелија, сигурна сум дека ќе успееме, заврши Ристова.
- Значењето на пописот е многу значајно. Џабе ни е стратегија за развој на туризмот ако немаме точни бројки и точни податоци, изјави Ристо Камов, советник на Општина Гевгелија во врска со темата: „Попис: Статистика, не политика“.
- Битно е да имаме релевантни податоци. Битно е да се заврши час поскоро оваа статистичка операција. Политиката кога се меша во реалните проблеми тогаш се случува проблем. Политичките проблеми треба да се тргнат од реалните животни проблеми. Бројките се потребни за образование, туризам, занаетчиството за статистичко планирање, за џабе ни се бројките ако после нема промена. Пописот и за Гевгелија и на цела држава е нужно потребен, порача Камов.
Поради почитување на протоколите за заштита од КОВИД-19, панел дискусијата се одржа без публика, но беше принесувата на социјалните мрежи. Реализацијата на настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“, финансиран од Националната фондација за демократија.