Континуитет во работата на ЈПКД „Комуналец“ за 2020 година
Според Извештајот за работата на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија
кој беше предмет на расправа на 60 седница на Совет на Општина Гевгелија, советниците заклучија дека работењето на Претпријатието во 2020 година е во континуитет.
Изминатата година, Јавното претпријатие редовно го одржуваше водоснадбувањето, освен во периодите на отстранување на дефекти на водоводната мрежа и вршење интервенции на водоводните линии во градот и населените места. На целокупната произведена количина вода од новите бунари кај Мрзенци, бунари „ Вардар“, бунарското подрачје „Моин“ и самостојните водоводни системи, редовно се вршеше и хлорирање со натриум хлорид или со хлор во гасовита состојба и перманенто се контролираше процентот на хлор. Направени се 149 анализи за исправноста на водата за пиење, односно контрола на количината на арсенот од страна на ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес- ПЕ Гевгелија и вработениот технолог во „Комуналец“. Сите пумпни станици каде се произведува вода се сервисирани и обезбедени со резервни пумпи во случај на дефект.
ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, во делот на водоводот извршил интервенции на 499 дефекти на водоводни приклучоци, 213 попракви на дефекти во дистрибутивната мрежа, 90 интервенции на главни цевководи, изведени 105 нови приклучоци на водоводна мрежа. Издал 119 нови согласности за приклучок во водовоната мрежа, 111 согласности за приклучок во канализационата мрежа и сл. Изведени се нови водоводни линии на повеќе улици во Гевгелија и населените места.
Во однос на кализациониот систем, службите на ЈПКД „Комуналец“ извршил : 220 интервенции на уличната канализациона мрежа, 89 нови приклучоци на канализационата мрежа, континуирана проверка и чистење на уличните сливници, 14 поправки на пропаднати и оштетени шахти, замени на железните капаци- 63 и изградба на нови канализациони линии во Гевгелија и населените места.
Во текот на 2020 година, во „Комуналец“ се набавени нови 85 контејнери, од кои 25 метални и 65 пластични кои се распоредени во градот и во населените места. За домаќинствата се поделени 1500 канти. Континуирано се собираше и изнесуваше сметот, одржуваше градската депонија и депониите во Негорци и Богородица. Редовно се чистеа и миеја улиците и јавните површини во градот и населената места. Јавното претпријатие водеше грижа и за уредување на парковите и зелените површини и поправање, монтирање и одржување урбана опрема. Во стопанскиот двор на Претпријатието, се произведува расад за сезонско цвеќе и други грмушести растенија. Во Гевегелија и населените места поставени се 60 нови клупи.
ЈПКД „Комуналец“ од страна на Општинскиот штаб за заштита и спасување- Гевгелија, минатата година, поради Ковид-пандемијата, беше задолжено за дезинфицирање на улиците и јавните површини. Дезинфицирањето се вршеше со грбни и моторни пумпи за таа намена.
По повод новогодишните празници, минатата година „Комуналец“ активно беше вклучен во изработката на елки и украсувањето на градот.