ТППЕ- Гевгелија ќе добие комплетна заштитна опрема за шумски пожари
ТППЕ- Гевгелија, како и другите
територијални противпожарни единици во државата, ќе добие комплетна лична заштитна опрема за шумски пожари, со која моментално не располага ниту една од противпожарните единици. Набавувањето опрема е дел од имплементација на проектот „Прекугранично справување со шумски пожари“ на Центарот за Југоисточен плански регион, во рамки на Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија- Р. Северна Македонија 201-2020 година.
Професионалната опрема за шумски пожари се состои од: комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат нашата шума, природата, а не ретко, како што е познато од минатото, има и човечки жртви.
Покрај набавката на опрема, се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина, во која ќе учествуваат претставници на општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји, чија цел е да се создаде добра координација и структура за превенција и соодветен одговор на катастрофите со посебен акцент на шумските пожари. За дел од членовите на мрежата е предвидено спроведување на низа обуки (вкупно 6) од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи. Ќе се спроведе и информативна и медиумска кампања за промовирање на волонтерство и спречување на шумските пожари. Проектот е со вкупна вредност од 395.361 евра, од кои буџетот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е 197.602 евра, а истиот ќе се имплементира 24 месеца.
Инаку, Центарот за Југоисточен плански регион, преку проектот „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акронин „Be In“), во рамките на Interreg- IPPA Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија 2014-2020 година, аплицираше за набавка на едно противпожарно возило за ТППЕ- Гевгелија, кој проект е прворангиран на утврдената листа.