Подобрени условите во детските градинки и училиштата
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
по усвоениот Извештај за работа на Градоначалникот на општина Гевгелија на последната седница на Совет, одржа прес-конференција, заедно со директорката на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, Елизабета Стојменова, на која ги истакнаа изминатите инвестиции и инвестициите кои следат за подобрување на условите за работа во гевгелиските Основни училишта, Средноучилишниот центар и Детските градинки во општината.
- Пандемијата на КОВИД-19 предизвика целосно нарушување на воспитно-образовно процес и прекин на наставата во сите образовни институции. По првото полугодие, во кое во Општинските основни училишта и Средноучилишниот центар беа запишани 640 ученици, наставата беше прекината. Новата учебна година започна на 1 октомври во сите пет основни училишта и средно-училишниот центар во Општина Гевгелија, каде што беа запишани 2696 ученици, а наставата се одвиваше согласно здравствените протоколи. За прв пат, во училишните клупи седнаа и новозапишаните 202 првооделенци, кои наставата ја следеа со физичко присуство.
Во Основните училишта во општината, каде што во учебната 2020/2021 година беа запишани 2000 ученици, наставата со физичко присуство ја следат 755 ученици од прво до трето одделение, како и ученициите од прво до петто одделение во ООУ „Климент Охридски“ во Миравци и во сите 8 подрачни училишта. Додека, преостанатите, 1331 ученик, наставата ја следат онлајн. Сите ученици располагаат со компјутери за непречено следење на наставата, а за потребите на наставниците беа набавени компјутери преку распишаниот јавен повик. Во СОУ „Јосиф Јосифовски“ сите 695 ученици наставата ја следат онлајн, а од страна на Училиштето беа обезбедени компјутери за малиот број ученици кои не ги поседуваа.
- По завршетокот на учебната 2019/2020 година, традиционално гевгелиските Основни училишта и Средното училиште ги прогласија учениците од деветто одделение што ја понесоа титулата првенец на генерацијата. Според Правилникот за избор на првенец на генерација и исполнетите критериуми во текот на основното образование, за првенци на генерацијата во основните училишта беа прогласени најдобрите четворица ученици. Првенци на генерацијата беа прогласени и во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и во ООМУ „Васо Карајанов“. По традиција, првенците во основното образование беа наградени со по 5000 денари, а првенецот на генерацијата во СОУ „Ј.Јосифовски“ со 10.000 денари, потсети Поцков за одвивањето настава во време на пандемија.
Но, и за реализираните зафати во училиштата, со кои се подобрија просторните техничките услови како за учениците, така и за вработените.
- Шестмесечната пауза во гевгелиските Oсновни училишта и во Средноучилишниот центар беа искористени за подобрување на условите за настава. Во сите училишта беа реализирани редовните санациони зафати, како и набавката на потребните нагледни средства. Во овој период, во училиштата беа реализирани и повеќе проекти кои значително ги подобрија условите за квалитетна настава, било да се работи за нов мебел, нагледни средства и поволни услови за инвалидизираните ученици. Во текот на минатата година, во петте Основни училишта и во Средноучилишниот центар „Јосиф Јосифовски“ беа вложени 10.913.443 денари. Најголемиот дел од средствата беа заштедени од блок дотации, но дел од средствата беа обезбедени од Општинскиот буџет. Најмногу средства беа вложени во ООУ „Владо Кантарџиев“ 3.793.014 денари, во прв ред, за уредување на училиштниот двор во Централното училиште, но и во Подрачното училиште во Богородица. Во ООУ „Ристо Шуклев“, во Негорци, најголем дел од вложените 2.600.000 денари беа наменети за замена на азбестните плочи на покривот со панели. Во ООУ „Крсте Мисирков“ половината од вложените 2.245.092 денари беа наменети за реконструкција на ПУ во Моин кое беше во дотраена состојба. Додека во ООУ „Климент Охридски“ најголем дел од вложените 1.400.400 денари беа наменети за набавка на училишна опрема и нагледни средства, но и за изградба на тоалет за деца со посебни потреби.
Во СОУ „Јосиф Јосифовски“, минатата година, беа извршени повеќе инвестициони зафати, главно, за реновирање на тоалетите и соблекувалната во спортската сала, но и за набавка на информатичка опрема и аудио-визуелна опрема. Во овој центар за подобрување на условите и за опрема беа вложени 1.999.057 денари. Согласно потребите, во ОOМУ „Васо Карајанов“ беа набавени нови таблети за учениците, електрично пијано, а поставен е и балетски под, во вредност од 182.950 денари.
- Новина е тоа што за првпат, од оваа година, ја воведуваме струката Здравство и социјална заштита со образовни профили: гинеколошко-акушерска сестра и физиотерапевт (комбинирана паралелка од 32 ученика), за која беше доставено барање до Министерството за образование и наука за отворање нова струка во Средното општинско училиште), согласно барањата на пазарот на трудот и потребата да се менува структурниот профил.
Во насока на подобрување на средното стручно образование, преку концептот „Учење преку работа“ на Министерството за образование и наука, за Машинската струка и Угостителско-туристичката струка, СОУ „Јосиф Јосифовски“ воспостави соработка со институции и фирми од општина Гевгелија, каде учениците ќе ги развиваат и унапредуваат знаењата преку пракса, истакна Поцков за годинашните вложувања на полето образование.
Пандемијата го блокира и воспитно-образовниот процес во предучилишните детски установи, така што шестте Детски градинки на ЈОУДГ „Детска радост“ во Гевгелија и населените места беа подолго време затворени. Поради тоа, Управниот одбор на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија донесе одлука која беше поддржана и од Советот на Општина Гевгелија, родителите, чии деца престојуваат во градинките, да бидат ослободени од плаќање на партиципација за престој на децата во градинките за време на вонредната состојба. Од плаќање на 1.490 денари месечна партиципација за престој на децата во градинките беа ослободени 800 родители, чии деца беа запишани и беа згрижени во градинката за периодот март-август. Но, пандемијата не беше пречка за изведување зафати за подобрување на условите за престој на децата, за кои директорката Стојменова говореше на пресот:
- И во услови на пандемија, настојуваме да ги прошириме капацитетите и да им излеземе во пресрет на барањата на родителите. Минатата година, по барање на родителите, покрај новоотворените јаслени групи во градинките во Негорци, Миравци и Богородица, и во Детската градинка во Миравци беше отворено посебно Одделение со јасли. Од страна на ЈОУДГ „Детска радост“ беа вложени 5.243.000 денари сопствени средства. Во прв ред, за реконструкција на ѕидовите, молеро-фарбарски работи и подобрување на електро-инсталационата мрежа. Исто така, беше извршена замена на мебелот во сите занимални во градинката „Цветови“, а набавени беа нови гардеробери во Градинките „Детска радост“ и „Цветови“. Покрај ова, во новоотворениот оддел за јасли во Градинката во Миравци беа набавени креветчиња, во сите градинки поставени нови теписи, набавени нови играчки и друга потребна опрема.
- Оваа година, беше завршена доградбата и опремувањето на новата градинка во Прдејци, за што од Министерството за труд и социјална работа добивме согласност за отпочнување со работа. Останува уште да се добие согласност за доекипирање на кадарот и градинката да започне со згрижување на 20 деца. Наскоро, очекуваме со поддршка од Министерството за труд и социјални работи да биде реализиран проектот за доградба на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, со што ќе се обезбедат дополнителни капацитети за згрижување на уште стотина деца, истакна директорката Елизабета Стојменова.