Општина Гевгелија бара јавно извинување од компанијата G&О Waste Solution во Гевгелија за изречените навреди и клевети
Објавената информација од страна на
компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, со седиште во Гевгелија, на повеќе портали на социјалните мрежи и на Фејсбук- профилот на компанијата (види линк), на 15 март 2021 година, под наслов „Непрофесионализам и дилетантизам е одлуката на Советот на општина Гевгелија за барање за одземање на дозволата за работа на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје“ изобилува со невистинити тврдења кои претствауваат клевета и навреда на Советот на Општина Гевгелија и Градоначалникот на Општина Гевгелија, се вели во одговорот од Градоначалникот и Советот на Општина Гевгелија до компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје, во подружницата на улица „Индустриска“ во Гевгелија.
Затоа што органите на локалната самоуправа во Гевгелија во извршувањето на своите надлежности никогаш не користеле лаги, навреди или клевети, а најмалку дека „својата работа ја вршеле или ја вршат непрофесионално или дилетантски“. Посебно, ако се има предвид дека наведената компанија ниту побарала издавање на потврда согласно Законот за управување со отпад, ниту ја информирала Општината за своето работење. Оттука, ваквото тврдење на компанијата, во најмала рака, е скандалозно, потполно невистинито, навредливо и тенденциозно, со единствена намера да го наруши угледот на Градоначалникот на Гевгелија и Советот на Општина Гевгелија, како и на Општина Гевгелија како локална самоуправа.
Сакаме да нагласиме дека Градоначалникот на општина Гевгелија и членовите на Советот на Општина Гевгелија во ниту една прилика немаат искажано какви било невистини поврзани со работењето на компанијата на G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје во Гевгелија. Основна цел е на Градоначалникот и членовите на Советот на Општината да ја вршат својата работа согласно законските надлежности, а во интерес на граѓаните. Затоа и сите компании, правни субјекти и физички лица, се третираат на апсолутно рамноправна основа. Додека нивните барања и потреби се исполнуваат согласно важечките законски прописи, водејќи сметка секоја компанија да работи, претходно исполнувајќи ги законските услови предвидени за соодветната дејност. Особено, кога станува збор за индустриските капацитети кои можат да имаат влијание врз животната средина.
Вашата намера со објавување на овој текст полн со навреди, невистини, неточни тврдења и паушални заклучоци е со единствена цел да наштети на угледот и честа на Градоначалникот и на членовите на Советот на Општина Гевгелија. Затоа, согласно Законот за граѓанска одговорност, бараме јавно извинување од компанијата и повлекување на јавно изречените невистинити тврдења во ист обем и на истите места каде го имате објавено својот текст. Доколку не постапите согласно Законот за граѓанска одговорност и не извршите јавно извинување и повлекување на невистинитите тврдења, ќе мораме да поведеме постапка за утврдување на вашата одговорност за навреда и клевета и парична отштета, се наведува во одговорот на Општина Гевгелија, односно барањето до компанијата G&O Waste Solution ДООЕЛ Скопје во Гевгелија за јавно извинување и повлекување на изречените навреди и клевети.