Подобрени условите во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
денеска го посети ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, каде што изминатиов период се реализираа повеќе зафати за подобрување на условите за работа. Целосно е заменета дотраената дрвена столарија, со идентична замена на сите дрвени прозорци и врати, за што претходно беше изработен конзерваторски проект. Притоа, е водено сметка да се зачуваат есетските и историските вредности на овој споменик на културата, а да не бидат нарушени просторно-амбиенталните односи и потреби за функционирање на Училиштето. Бидејќи, зградата на Училиштето е стара повеќе од 130 години и истата е заштитена како спомен од културното наследство. Реконструкцијата на дрвената столарија чинеше 806.000 денари.
Директорката на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, Сузана Стефанова, истакна дека со овој зафат значително се подобрени условите за работа во училиштето, особено во делот на термичката и звучната изолација. Исто така, пред почетокот на второто полугодие од учебната 202/21 година, во Балетската сала на Училиштето се постави нов балетски под за вежбање кој ќе придонесе за успешни и квалитетни настапи на младите балерини.
Според градоначалникот Сашо Поцков, Општина Гевгелија ги поддржува сите иницијативи за обновување и прилагодување на просторните услови во сите образовни институции. Но, истовремено, води сметка и за заштита на културното наследство, каков што е случајот со зградата на ООМУ „Васо Карајанов“ која е прогласена за споменик на културата.
Градоначалникот на Општина Гевгелија, денес, го посети и РУ „Кирил и Методиј“ во Гевгелија, каде што со директорката Љубица Ивановска разговараше за активностите на оваа институција. Пред се, нејзина поголема вклученост во организирањето и унапредувањето на образованието на возрасните, како и другите планирани активности кои ќе придонесат институцијата да стане сервис на граѓаните.