Во тек е пролетната акција за обновување и проширување на зелените површини во општина Гевгелија
Започна пролетната акција на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија
за одржување, уредување и пошумување на јавните паркови и зелените површини во градот и населените места. Така, по обновувањето на дрворедите на улицата „Маршал Тито“- Гевгелија и булеварот „Гевгелија“, одговорните за паркови и зеленило работеа на паркот кај Железничка, познат како „Виолета парк“. Засадени се нови дрвја и грмушести растенија, а обновена е и тревната површина.
Истовремено, ЈПКД „Комуналец“ продолжува со работа за оплеменување на просторот веднаш под Мостот над Мрзенска Река. На површината, каде што претходно се фрлаше див комунален отпад, посадени се половина од планираните 200 зимзелени дрва. Така што, акцијата за разеленување на просторот ќе продолжи и во текот на наредните денови.
Инаку, пролетната акција на ЈПКД „Комуналец“, која се одвива согласно Општинската програма за уредување на зелените и јавните површини, продолжува да се одвива и на останатите локации во градот и населените места.
Имено, во населеното место Богородица, минатиот викенд, Месната заедница спроведе еко-акција за оплеменување на просторот околу тревното игралиште. На акцијата доброволно учествуваа голем број жители на Богородица кои посадија 60 дрвја- канадски тополи. Како што истакнаа од Месната заедница, целта на овие еко-акции е да им се даде пример на помладите генерации за тоа како се сака и чува природата.