Градоначалникот Поцков повикува на доследно почитување на новите мерки
Градоначалникот на Општина Гевгелија и командант
на Општинскиот штаб за заштита и спасување, Сашо Поцков, по воведувањето на новите рестриктивни мерки од страна на Владата на РСМ, ги повика граѓаните и надлежните институции на целосна мобилност и одговорност.
- Епидемиолошката состојба во Општина Гевгелија, како впрочем и во целата земја, и натаму е загрижувачка. Бројот на новозаразени граѓани, како последица од Корона вирусот расте, а, за жал, и бројот на починатите. Здравствените работници во Општата болница и во ПЕ на Центарот за јавно здравје во Гевгелија се потешко се справуваат со сите предизвици и вложуваат натчовечки напори за спасување на човечки животи. Токму и затоа, Владата на РСМ oд овие причини донесе нови рестриктивни мерки кои стартуваат од вечерва, изјави Поцков и упати апел до граѓаните:
Ги повикувам граѓаните на максимална одговорност и доследно почитување на новите мерки, бидејќи од тоа зависи нашето здравје и воопшто жовеење. Исто така, ги повикувам надлежните институции на максимална ангажираност за нивно доследно спроведување. Бидејќи со целосна мобилизација и одговорност ќе го заштитиме јавното здравје, а со тоа ќе создадеме услови за повторно заживување на економијата во општината. Затоа апелирам во наредните две неделида не се излегува без потреба од дома, да нема групирања, да не се организираат никакви прослави и доследно да се почитуваат заштитните мерки од сите. Само така ќе се справиме со овој трет КОВИД бран и ќе го зајакнеме здравствениот систем. Се разбира, доколку тоа го правиме сите подеднакво, повозрасните, но особено помладите кои треба да ја сфатат сериозноста и последиците од пандемијата, чии жртви се најболното, но вистинско предупредување за тоа, нагласи градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.