Изложбата „Црногорско кирилско печатарство“- приказ на црногорско-македонските релации во 15 и 16 век
Денеска, градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, присуствуваше на изложбата „Црногорско кирилско печатарство 15 и 16 век“, во организација на Пионерскиот дом- Гевгелија и Матица црногорска. Пред присутните се обрати Мирољуб Орландиќ, повереник на Матица црногорска во РСМ, предавајќи ја честа на градоначалникот Поцков да ја прогласи изложбата за отворена, подарувајќи му репринт дизајн и фототипско издание на книга која е отпечатена во 1494 година.
- Оваа изложба е резултат на наше повеќегодишно истражување. Матица црногорска има повереништва низ целиот свет, меѓу кои и во Република Северна Македонија. Наша основна мисија е да ги истражуваме македонско-црногорските историски, книжевни, јазични и духовни врски, па воспоставивме долгогодишна соработка со МАНУ, Филозофскиот и Филолошкиот факултет, Институтот за македонски јазик и литература и повеќе библиотеки. Покрај институциите, тука се и низа поединци-научници кои ги истражуваат црногорско-македонските релации. Почнувајќи од првиот македонско-црногорски брак кој се случил во далечната 998 година помеѓу кнезот на Црна гора, Владимир и ќерката на Цар Самоил, Косара.
Во 15 век, Црна Гора е прва држава во Европа која имала своја државна печатница, кој ја купил Црнојевиќ, наогајќи свештено лице кое се занимава со букви и страници. Во првиот период, од неа излегле 5 книги во печат. При нападот на Османлиите, печатницата е запалена, но благодарение на Божидар Вуковиќ, кој работел во печатницата, отишол во Венеција и купил нова печатница, работејќи со штампарот Макарие, издавајќи слични или исти книги со верска содржина, на старословенски јазик, со кирилично писмо. По смртта на Божидар, печатницата ја наследил неговиот син, Виченцо, а по неговата смрт, првата македонска книга „Часословенцка“ е печатена во истата печатница, во сопственост на македонецот Јаков од Свети Николе.
Овие истражувања што ги правиме оставаат силни траги и кажуваат за нашите меѓусебни односи, оти во времето на печатење на овие книги, јазикот беше еден и имаше потреба истите да бидат дистрибуирани и читани од повеќе читатели. Основниот пат по кој патувале од Венеција до Македонија бил Виа Игнација, а главен дистрибутивен центар бил Скопје, во кој имало книжарница, најверојатно прва во Европа. Денеска, во Македонија, во институциите и во црквите се чуваат 32 сочувани, оригинални книги, истакна Орландиќ во своето обраќање.
- Се надевам дека после презентираната изложба и излагањето на Орландиќ сите гости ќе излеземе со побогати сознанија. Секојпат, ваквите изложби овозможуваат да ги прошириме хоризонтите на знаењата. Бидејќи, човекот учи додека е жив, што е мото на секој напреден интелектуалец и чинител во општеството, заблагодарувајќи се за подарениот раритет и прогласувајќи ја изложбата за отворена.
Ликовната уметница, м-р Мирјана Крстева Массетти, вработена во Пионерскиот дом, истакна дека оваа изложба е доказ за добрата соработка помеѓу институцијата со Матица црногорска. Имено, изрази благодарност што еден ваков несекојдневен настан го збогатува културното живеење на општина Гевгелија. Бидејќи, ретко може вака на визуелен начин да се патува низ времето.
Инаку, во Малата сала за состаноци, во Пионерскиот дом, се изложени 24 богато илустрирани паноа со пратечки текст. Покрај приказот на репрезентативните страници од книгите и илустрациите, изложбата ги претставува биографските детали за Џурџе Црноевиќ, печатарот Макарие, како и за Божидар и Виченцо Вуковиќ. Изложбата ќе биде отворена за посета две недели (секој работен ден од 08:00 до 15:00 часот).