Извршен и вториот ларвициден третман против комарци во општина Гевгелија
Во рамките на овогодинешното третирање против
комарци кое го спроведува Југоисточниот плански регион во соработка со десетте општини, вчера беше извршено второто ларвицидно прскање во општина Гевгелија. Екипите на скопската фирма за ДДД „Зотокс“ расфрлија по вторпат гранулати на претходно одредените жаришта каде можат да се размножуваат комарци, односно покрај речното корито на реката Вардар, водотеци и стојни води. Под надзор на општинскиот инспектор за животна средина, скоро на површина од 10 хектари на подрачјето на општина Гевгелија.
Првото ларвицидно прскање беше извршено на 20 април, 2021 година, од страна на истата фирма која го доби тендерот за спроведување на годинашното третирање по земјен пат. Според препорачаните интервали за навремено прскање против комарци oд страна на Центрите за јавно здравје за поголема ефикасност во заштитата на граѓаните од комарци, во општина Гевгелија и во останатите општини ќе бидат извршени уште три адултни тетирања по земјен пат, односно теристички, аеросолни дезинсекции против возрасни комарци со УЛВ метода.
За наредните адултни третирања, граѓаните ќе бидат навремено известени, со цел сопствениците на пчелни семејства да преземаат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите кога ќе се реализираат прскањата.