Зајакнување на општинските финансиски капацитети
Градоначалникот на општина Гевгелија,
Сашо Поцков, го потпиша Меморандумот за соработка помеѓу Кардно Емергинг Маркес, Лтд (Cardno Emerging Markets Ltd.) и Општина Гевгелија. Имено, Општина Гевгелија е дел од првата група, во која се вклучени 16 општини од РСМ во проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите и искористување на ресурсите (СРМА). Проектот беше промовиран на денешната онлајн-конференција, по што уследи потпишувањето на Меморандумите за соработка од страна на Градоначалниците на првата група партнер-општини на проектот. На конференцијата присуствуваа и се обратија: амбасадорката на САД во РСМ, Н.Е., Кејт Мари Брнз; директорката на проектот, Гинка Капетанова; министерот за локална самоуправа, Горан Милевски; министерот за финасии, Фатмир Бесими, како и Аце Коцевски, градоначалникот на општина Велес и претседател на Комисијата за финансирање при ЗЕЛС.
Инаку, Cardno Emerging Markets Ltd. е главен изведувач и имплементатор на Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите (СРМА), чија цел е преку партнерство со Владата на Република Северна Македонија и единиците на локалната самоуправа да ја зајакне одржливоста на општинските финансии и да го унапреди процесот на фискална децентрализација. Односно, јасно да се дефинираат одговорностите за трошоците на централната и локалната власт и обезбедување соодветна основа за приходи за единиците на локалната самоуправа (ЕЛС); да се зголемат приходите од сопствени извори на ЕЛС; да се подобрат капацитетите на ЕЛС за планирање, извршување, известување, следење и анализа на буџетот; да се подобри пристапот на ЕЛС до потенцијалните извори на надворешно финансирање и да се реформира меѓувладиниот фискален систем како поддршка на фискалната одржливост на ЕЛС.
Тимот на СРМА, за време на спроведувањето на Проектот, има намера да обезбеди техничка помош на ЕЛС преку активности, во период од 18 месеци, почнувајќи од јуни, 2021 година.