Градоначалникот Поцков и директорот Аврамов со честитка до матурантите
Втора генерација по ред
како го завршува своето средно образование во услови на пандемија. Со ускратена можност за напуштање на училниците, играње на познатиот матурски танц „Квадрил“ и прославување на матурската вечер со професорите. Денеска, официјално,149 матуранти од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија упешно го завршија вториот период од образованието. По тој повод, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, упати честитка до матурантите од општина Гевгелија, во која истакна:
- Почитувани матуранти од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија,
Уште една патека од многуте пред вас на патот наречен живот е успешно изодена. Доаѓате на главната крстосница кога треба да одлучите по кој следен пат ќе чекорите. Вашиот избор нека биде рационален, со јасна визија и силна волја за напредување и постигнување на она што го планирате. Без разлика, дали ќе продолжите со вашето образование или ќе одлучите да се вработите.
Нам ни преостанува да ве поддржиме во она што го сакате, да ве мотивираме да бидете успешни и да се радуваме на вашите успеси. Ви посакувам најнапред многу здравје, а потоа што повеќе стекнати, нови искуства кои ќе придонесат во градењето на вашата личност и вашиот поглед кон светот.
Среќно!
Исто така, поздравен говор до матурантите од гевгелиската гимназија упати и директорот, Тони Аврамов:
- Почитувани матуранти,
Испишавте уште една страница од романот наречен живот. Ја искачивте планината наречена средно образование. Но, овде не завршува предизвикот. Планинарот по освоениот врв размислува за нови врвови, писателот за нови романи. Пред вас се отвора бескрајно пространство на иднината. Ние ви дадовме крилја и ви го покажавме патот, а предизвикот е ваш. Вие сте оние кои треба широко да ги отворите крилјата и да се вивнете кон вашиот сон. Не велам дека нема да паѓате. Паѓа оној кој полетал, оној кој се обидел, како галебот Џонатан Ливингстон. Важно е да се исправите и да продолжите понатаму. Целта ве очекува.
Генерацијо 2017/2021, вие го положивте испитот на зрелоста. Во услови на пандемија, кога целиот свет мораше да се прилагодува на новонастанатата состојба, вие загубивте многу: Наставно-научна екскурзија, Матурска вечер, дружење и забава, спомени од последни денови поминати во училишните клупи. Но сфативте дека во едно подобро време може да се организира и екскурзија и матурска вечер, она што не може да се врати е човечкиот живот.
На крај, сакам да ви кажам дека бевте генерација за пофалба, некои повеќе, некои можеби помалку, но сите на некој начин вредни, одговорни, послушни и успешни. Се надевам дека нашите професори ви помогнаа подготвени и самоуверени да зачекорите по патеките што водат кон високо образование, професионални ангажмани и нови работни места.
Во мое име и во името на професорите во СОУ „Јосиф Јосифовски“, ви посакувам здравје, среќа во животот и успех во понатамошното образование. И не заборавајте:
младоста е пролет на една личност, во која се сее семе за идните години од животот. Ви посакувам успешно патување во животот!