62 седница на Совет на Општина Гевгелија: Донесени повеќе одлуки и решенија
Советот на Општина Гевгелија, на 62 седница,
донесе повеќе одлуки и решенија. Со мнозинство гласови, се донесе Одлука за сопствено учество на Општина Гевгелија во проект за изградба на зафатна градба, пумпна станица и доводен цевковод до постоечки резервоар во село Ума, општина Гевгелија. Имено, населеното место Ума, во моментот има постоечки систем за водоснабдување кој генерално не може да ја задоволи доводната количина на вода, особено, во сушниот период. Со изградба на нов дренажен зафат со собирна комора, пумпна станица и нов потисен цеквовод до постоечкиот резервоар ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето.
Исто така, Општинскиот совет ја донесе и Одлуката за кофинансирање на проекти на Граѓански организации во рамките на јавните повици организирани преку Регионалната програма за локална демократија 2 (ReLoaD2), која е продолжение на партнерството помеѓу ЕУ и УНДП. Програмата има за цел да ги зајакнува капацитетите на општините и на граѓанските организации да воспостават долготрајни партнерства и да придонесуваат за подобрено давање услуги и реализација на локланите приоритети. Со донесената одлука Општината да аплицира и да добие финансиска поддршка за проекти на ГОи, локалната самоуправа ќе кофинансира проекти од минимум 20% од вкупниот износ на средствата на ГОи што ќе бидат распределени, во максимален износ од 83.500 долари.
Едногласно, членовите донесоа Одлука за формирање на Општински совет за превенција на детско претстапништво на Општина Гевгелија, согласно Законот за правда на децата. Конституираниот Совет ќе има за цел да ги следи состојбите, да покренуваат иницијативи за нивно подобрување и ќе развиваат програми за вклучување на локалната заедница во превенција на детското претстапништво и третманот на деца, сторители на дејствија- кривични дела и прекршоци.
Согласно, Одлуката на Владата на РСМ за изменување на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредни мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест, COVID-19, Советот даде согласност да се зголеми бројот на децата во воспитните групи во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија. И тоа, во воспитните групи за деца до двегодишна возраст. Исто така, беше дадена согласност и за дополнување на Правилникот за внатрешна организација на ЈОУДГ „Детска радост“, каде се менува член 6 став, во кој се додадава новата детска градника „Развигорче во Прдејци, како организациона единица во рамки на Детската градинка. И, на Правилникот за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во ЈОУДГ „Детска радост“.
На оваа седница, членовите на Советот од страна на директорот на ЈПКД „Комуналец“ беа информирани за состојбата со водоснабдувањето во населените места и за состојбата и преземените активности за кучињата бездомници во општина Гевгелија. Како и за состојбата со употребата на наркотици и психитропни супстанци кај младите во општина Гевгелија од страна на Општата болница со проширена дејност- Гевгелија и за преземените активности за дезинфекција, дезинсекција и дератизација во општина Гевгелија од страна на општинската администрација.
Предмет на расправа беа и Годишните планови за вработување за 2022 година на образовните институции во општината. Општинскиот совет се произнесе со заклучок да се задолжи Општинската комисија за проценка и утврдување на висината на штетите предизвикани од елементарни непогоди да ги преземат поднесените пријави од оштетените субјекти за настанатите штети во периодот од 8 до 10 април, 2021 година, да излезат на терен и констатираат постоење на елементарна непогода, да ја утврдат штетата, изготват Елаборат и истиот да го достават на усвојување до Советот на Општината. А, потоа да са се проследи до Владата и Републичката комисија за проценка и утврдување на штети предизвикани од појава на мраз на територијата на општина Гевгелија.
Советот донесе одлука за основање на заеднично Јавно претпријатие за заловување и третман на бездомни кучиња за општините од Југоисточниот плански регион, со седиште во Струмица. На оваа седница, членовите на Советот на Општина Гевгелија имаа можност да поставуваат советнички прашања во врска со работата на Градоначалникот и реализацијата на проектите и активностите.