Економските последици од КОВИД-пандемијата споделени на Заедничкиот консултативен комитет
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
делегат на ЗКК, учествуваше на онлајн-состанокот на Заедничкиот консултативен комитет помеѓу Европскиот комитет на региони и Република Северна Македонија. На средбата, Градоначалникот имаше обраќање во кое сподели искуства од економските последици од КОВИД-19 пандемијата во Општина Гевгелија, но и свое видување како да се постигне задржливо закрепнување и прилагодување:
- Пандемијата е една од причините за забавената инвестициона активност, но и за отежнатиот економски развој и воопшто живеење во општина Гевгелија. Особено, ако се има предвид структуираноста на гевгелиската економија која е во тесна зависност од прекуграничниот промет. Затворањето на грчката граница, поради рестриктивните мерки од пандемијата, значеше и затворање на туристичко-угостителските капацитети и казина во Гевгелија, каде што беа вработени скоро 2000, главно млади луѓе. Дополнително, бројните услужни и други капацитети кои ги опслужуваа и зависеа директно од прометот на грчките туристи, останаа под клуч. Така, на пример, скоро 40-тината стоматолошки и други здравствени ординации, кои придонеса за развој на здравствено-рекреативниот туризам во Гевгелија, година и пол не работат. Затоа, и сметам дека последиците од пандемијата, во споредба со другите региони, во најголема мера ги почувствуваа гевгелиските стопанственици и претприемачи.
- Со бизнис-заедницата сум во постојан контакт, особено во изминатата година и пол, кога поради пандемијата локалната економија беше соочена со големи последици и штети. Настојував за нивните барања да посредувам и организирам средби со надлежните министри и премиерот на Владата на Република Северна Македонија, но и со конкретни мерки што ги донесе Советот на Општина Гевгелија за ублажување на последиците. Општина Гевгелија останува отворена за бизнис-соработка, натамошно поттикнување на прекуграничниот промет бидејќи од тоа директно зависи и развојот и животот во општината, истакна Поцков.
На средбата се обратија и Јасна Грабиќ, градоначалничка на општина Трбовље и Борјанчо Мицевски, градоначалник на општина Крива Паланка, како и останати градоначалници- делегати на ЗКК кои изнесоа ставови за научените лекции од КОВИД-пандемијата, директна заемна соработка со општините од РСМ и очекувања од оваа онлајн-средба и ЗКК- РСМ, воопшто.
Имено, главните цели на ЗКК се да: промовираат дијалог и соработка за релевантни прашања од заеднички интерес меѓу локалните и регионалните власти од ЕУ и РСМ, да обезбедат конзистентна рамка на одржлива соработка и да промовираат воспоставување контакти, да ги промовира вредности на ЕУ на локално ниво, човековото достоинство и права, слободи, демократија, еднаквост и владење на правото, да промовира дијалози со граѓаните, да помогне во развој на одржлива пазарна економија, да помага за правилно спроведување на европското законодавство на локално и регионално ниво, да обезбеди место за локалните и регионалните власти и за придонес кон процесот на проширување на ЕУ во контекст на Советот за стабилизација и асоцијација, да ги подготви локалните и регионалните претставници за учество во Европскиот комитет на региони, да го развива оперативниот капацитет, главно преку олеснување на практицирање за директно заемно учество помеѓу делегатите на Европскиот комитет на региони и нивните партнери.