Османи: „Повеќе простор за развој на бизнисот и унапредување на економскиот стандард“
- Во Гевгелија, заедно со првите економски советници
ги завршивме широките консултации со бизнис- заедницата и локалната власт. Најдовме убава симбиоза меѓу амбициите на економската дипломатија и потенцијалите на општина Гевгелија, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својата изјава за медиумите по завршувањето на денешната средба за запознавање на бизнис и туристичките потенцијали на општина Гевгелија, изразувајќи задоволство што е гостин во општина Гевгелија.
- По првата посета на Тетово, економски советници кои ќе заминат во нашите ДКП-а во Турција, Германија, Полска и Обединетите Арапски Емирати, поминаа и низ: Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Крушево, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и Гевгелија, најавувајќи дека следниот економски советник ќе биде испратен во Република Бугарија:
- Следниот економски советник ќе биде испратен во Софија, Република Бугарија, бидејќи бизнисот и економските односи треба да ги предводат политичките релации. Со Бугарија имаме пристоен раст во трговската размена, но се уште постои и недоволно искористен потенцијал за економска соработка. Политичарите мора да обезбедат повеќе простор за развој на бизнисот, за прилив на нови странски инвестиции, за повеќе пазари за постојните бизниси, повеќе работни места, поголеми примања и пред сѐ унапредување на економскиот стандард, рече министерот.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, во својата изјава изрази благодарност до министерот Османи, амбасадорот Игор Попов и економските советници за нивната посета на општината, реализираните средби со бизнис-заедницата во Гевгелија и посетата на неколку стопански капацитети:
- Голема чест и задоволство ми е што општина Гевгелија е дел од пристапот на Министерството за надворешни работи, агенда која се спроведува низ општините во Република Северна Македонија за запознавање за бизнис и туристичките можностите, за кои економските советници со својата работа ќе допринесат за развивање на нова димензија на дипломатијата и продуцираат низа придобивки за зголемување на соработката со земјите во кои ќе бидат испратени. На средбата разговаравме за значењето на затвореноста на границата и за структурата на гевгелиска економија и предусловите кои се направени за да се привлечат повеќе странски инвестиции кои ќе овозможат бенефиции за општина Гевгелија и Република Северна Македонија, подобрувајќи го стандардот и квалитетот на животот на граѓаните.