Триото „Џетлмен“ џентлментски го отворија „Спасовден“
Културната манифестација „Спасовден 2021“,
организирана по повод Спасовден - Заштитникот на Гевгелија, имаше навистина ново и интересно отворање. За прв пат, оваа традиционална манифестација ја отворија тројца професионални оперски пеачи, чии гласови одзвонуваа на платото пред Народниот театар во Гевгелија. Триото „Џентлмен“, кое го сочинуваа тенорот Дејан Стоев, баритонот Кристијан Антовски и тенорот Дарко Нешовски со својот концерт предизвикаа посебно внимание. Пред се, заради изведбата на неколку македонски поп-евергрини, но најголемите светски поп-хитови изведени во класичен поп-манир, наполитански канцони и шпански песни.
Веќе вечерва, 10 јуни, во Старата чаршија со почеток во 20:00 часот, ќе биде одржана ревија на народни носии. На ревијата ќе учествуваат Ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија и КУД „Јане Сандански“ при НУКЦ „Ацо Ѓорчев“- Неготино, презентирајќи народни носии од повеќе етнички предели и богата културна програма со традиционални вокални и инструментални интерпретации.
Гевгеличани, на 11 јуни, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, ќе уживаат во премиерата на театарската претстава „Умри машки“. Претстава од сопствената продукција на Дом на култура „Македонија“ - Гевгелија, е во изведба на Драмското аматерско студио за возрасни „Дон Кихот“, а во режија на Катица Џишева Дупарова. Во претставата играат Елена Брзилова, Силвестер Проле и Каме Ќаев. Поради заштитните мерки и протоколот за организирање културни настaни во затворен простор, на театарските претстави ќе биде ограничен бројот на публика до 100 гости.