Признание за Тихомир Костадинов од градоначалникот Поцков
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
реализираше средба со Тихомир Костадинов од Миравци- фудбалер и репрезентативец, кој настапи и играше за Македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство во фудбал годинава. На приемот, Поцков, подарувајќи му реплика од артефакт, пронајдок во археолошкиот локалитет „Вардарски Рид“, му оддаде признание на Костадинов за неговото дело како истакнат спортист- фудбалер од општина Гевгелија.
Костадинов, во разговорот со Градоначалникот, ги сподели импресиите од првенството, какво е чувството да се слуша македонската химна од грлата на 4.000 навивачи пред почетокот на натпреварот со Австрија, за првиот гол на Горан Пандев и за прошталниот натпревар со капитенот на Македонската фудбалска репрезентација.
Поцков истакна дека е горд што гевгеличани и миравчани можат да се пофалат со Костадинов и да му се радуваат на неговиот придонес во македонскиот фудбал, бранејќи ги боите на македонското знаме. Притоа, Поцков ја поздрави играта на МФР на Европското првенство, 2020, велејќи дека ги наполнила срцата на сите љубители на фудбалот во државата, а на Тихомир му посака уште многу успеси кариерата.
Инаку, Тихомир Костадинов игра и за словачкиот тим „Ружомберок“, каде важи за најдобриот играч на клубот.