Елена Брзилова- Првенец на генерација во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија
Елена Брзилова од Гевгелија, која заврши гимназиско образование
во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, е избрана за Првенец на генерација за учебната 2020/21 година. Согласно правилникот и критериумите, донесена е едногласна одлука на Наставничкиот совет при СОУ „Јосиф Јосифовски“ Брзилова да ја понесе оваа титула. Признанието на Елена Брзилова и симболична награда ќе и бидат доделени на свечена манифестација во организација на Средно-училиштниот центар. На истата манифестација, градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, ќе и го врачи решението за парична награда, во висина од 10.000 денари. Традиционално, како и секоја година, Општина Гевгелија на Првенците на генерација од гевгелиските основни училишта им доделува парични награди во износ од 5.000 денари, додека на Првенецот од СОУ „Јосиф Јосифовски“- 10.000 денари.
Во текот на средното образование, Елена Брзилова имала одличен континуиран успех, примерно поведение, вложен труд, се залагала за училиштето и локалната средина, постигнат успех во слободните ученички активности, учество на натпревари и освоени награди и пофалници.
- Кога нашиот труд е признат и ценет, чувството на самоувереност е неизмерно. Чест ми е што сум ученик на генерацијата при СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Ова е еден најдраг успех од моите досегашни достигнувања. Сакам искрено да се заблагодарам на сите професори кои верно ме мотивираа, поддржуваа и се радуваа заедно со мене за секој постигнат успех. Ми беше чест да учам од Вас. Едно огромно благодарам од срце и душа. Доаѓам до заклучок дека секој труд раѓа свој плод. Не можеме да изгубиме ништо, туку само може да добиеме нешто повеќе. Ме очекуваат уште многу скалила како низ образованието, така и низ животот, но средношколските препреки ќе ми останат најдраги. Јурете кон целта со полна пареа, чувството на крајот од средношколскиот пат е бесценет, истакна Брзилова по повод стекнатиот епитет, откривајќи и на кој факултет ќе се запише:
- Своето понатамошно образование ќе го продолжам на Архитектонскиот факултет, којшто верувам ќе ми отвори нов пат кон нови, поголеми успеси и достигнувања.