Успешна полугодишна буџетска реализација
Од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија
за 2021 година, во износ од 541.601.409 денари, во периодот од јануари до јуни, се реализирани вкупно приходи во висина од 236.357.295 денари или 43,64%. Во полугодишната буџетска реализација 224.171.988 денари биле тековно оперативни приходи, а 12.185.307 денари капитални приходи. Инаку, околу 16,05% или 34.570.858 денари од вкупните расходи биле наменети за капитални расходи. Ваквата буџетска реализација мнозинството членови на Советот на Општина Гевгелија ја оценија како позитивна при усвојувањето на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија во периодот јануари-јуни 2021 година.
Според градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, буџетската реализација во првото полугодие е задоволителна особено ако се има предвид дека штетите од пандемијата во овој период од годината беа најизострени. Влошената здравствена состојба во општината, последиците врз економијата, како и зголемените буџетски интервениција на предизвиканите последици не го нарушија финансиското работење на Општината. Што е уште позначајно, продолжува успешната буџетска реализација имајќи предвид дека во 2019 и 2020 година Буџетот беше реализиран со 81%. Иако, во овој период приоритет беше даден на мерките за заштита од Корона вирусот, од чие спроведување произлегуваа и финансиски обврски за Општината. Но, исто така и продолживме со инфраструктурните активности со кои значително се подобрени условите за живеење на граѓаните, нагласува градоначалникот Поцков.