Именувани членови во Општинскиот совет за превенција на детско претстапништво
Советот на Општина Гевгелија на 64 седница го усвои
Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, за периодот од 1 јануари до 30 јуни, 2021 година. Оценет како позитивен, со вкупно приходи во висина од 236.357.295 денари, од кои 224.171.998 денари оперативни приходи, а 12.185.307 денари капитални расходи. Додека, 34.570.885 денари од вкупните расходи биле наменети за капитални расходи. Членовите на Советот донесоа одлука за прифаќање донација од Државна видеолотарија „Аустриа Касинос“ ДОО Скопје. Имено, со оваа одлука, Гевгелија ќе добие нови мултуфункционално игралиште за ракомет, фудбал и кошарка на Ракометното игралиште и изградба на нов детски парк , на локацијата пред социјалните згради, крај Западниот булевар.
По верификацијата на мандатот на новиот член на Советот од редовите на СДСМ- Димитар Јанев на претходната седница, истиот член на оваа седница беше именуван за член на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој и Комисијата за функционирање на системот за локална самоуправа при Советот на Општина Гевгелија. На оваа седница, беа именувани и членови- претставници од надлежните институции утврдени во Законот за правата на децата кои партиципираат во Општинскиот совет за превенција на детско престапништво. И, тоа: Taтјана Бојкова од ОВР- Гевгелија, Софија Ручкоманова од Меѓуопштински центар за социјална работа, Елена Енџекчева- Петрушева од Совет на родители на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Трајанка Димовска- Андонова од Совет на родители на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Митра Дичева од Совет на родители на ООУ „Климент Охридски“- Миравци, Ристо Демерџиев од Совет на родители на ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци, Александра Поповиќ од Унијата на средношколци, Љупка Јанчева од Адвокатската комора на РСМ, Ивана Хаџи-Николова од здруженија и фондации, Василка Садикова- Ковачева од Основно јавно обвинителство- Гевгелија, Билјана Делова- Николова од Основен суд- Гевгелија и Елизабета Јаневска, Трајко Арџанлиев и Томе Ќичуков од Советот на Општина Гевгелија.
Советот го усвои полугодишниот извештај за состојбата со безбедноста во сообраќајот на патиштата на подрачјето на Полициската станица со општа надлежност- Гевгелија за 2021 година. Имено, во првите шест месеци од 2021 година, на територијата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, кои ги покрива ПС ОН Гевгелија, се случиле 58 сообраќајни незгоди, од кои 2 се со загинати лица, 9 се со тешки телесни повреди, 11 со телесни повреди и 36 со материјална штета од 1.050.000,00 денари. Во вкупниот број на сообраќајни незгоди, според извештајот на командирот на ПС од ОН Гевгелија, Миле Ангелков, има зголемување во однос на изминатата 2020 година. Како причини за случување на сообраќајните незгоди, според извештајот, се наведени управувањето со поголема брзина од дозволената, управување под дејство на алкохол, непочитување на првенство на минување, држење на растојание, страна и правец на движење.
На отворен пат, во првите шест месеци од 2021 година, се случиле 34 незгоди, а во населените места 24 сообраќајни незгоди. Во рамките на редовното работење, во посочениот период организирани се и спроведени повеќе акциски контроли, како локални така и републички, а со цел откривање, попречување и санкционирање на сообраќајните прекршоци кои влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Во овие акции се контролирани вкупно 5156 возила, при што 63 возила се исклучени од сообраќај, исклучени се 291 возач од сообраќај и одземени се 61 возачка дозвола. Издадени се 2574 прекршочни платни налози, од кои наплатени се 1484.
Советниците беа информирани за состојбата со занаетчиската дејност во општина Гевгелија. На дневен ред на оваа седница, леновите на Советот ја разгледаа иницијативата на наставниците од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија и ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија за исплата на надоместок за прекувремена работа за учебната 2020/2021 г. Од страна на Советот е донесена препорака до 4 основните училишта од Општина Гевгелија со стручните служби да се обратат писмено до Министерството за образование и наука за утврдување на методологијата за пресметка на додатокот на плата за прекувремена работа за наставниците кои реализираа настава со физичко присуство во две смени, во време на КОВИД-пандемијата.
Советот на Општина Гевгелија донесе одлука за исплата на финансиски средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година во висина од 67.650 денари како финансиска помош на АД Водостопанство на РСМ- Подружница „Јужен Вардар“- Гевгелија поради изведување градежни зафати за подобрување на работата на системот за наводнување на потегот- Негорци Прдејци. Како и одлука за поништување на постапката за доделување на договор за воспоставување јавно приватно партнерство за реконструкција на јавно-приватно партнерство за реконструкција на јавното осветлување во општина Гевгелија преку воведување на мерки за енергертска ефикасност според ЕСКО модел. Од причина што на спроведената отворена постапка не е прифатена ниту една прифатлива понуда врз основа на најдобар однос меѓу цена и квалитет.