Локализирани двата пожара кај Прочистителната станица во Гевгелија и во Ново Конско
Вчера, во попладневните часови избија два пожара,
близу Прочистителната станица во Гевгелија и во Ново Конско. Пожарот кај Прочистителната станица, според информациите од ТППЕ- Гевгелија, поради јачината на ветрот се проширил се до македонско-грчката граница, а зафатил повеќе земјоделски површини со житни посеви, неколку бараки и штали со добиток. Од страна на ТППЕ- Гевгелија се преземени мерки за локализирање и целосно гаснење на пожарот, со помош на механизација од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и неколку земјопоседници кои одгледуваат житни култури. Во гаснењето на пожарот учествуваа и пожарникари од Поликастро бидејќи истиот зафатил и мал дел покрај крајбрежјето на реката Вардар, на грчката страна. Денеска, претставници на ТППЕ- Гевгелија, Дирекцијата за заштита и спасување, надлежните инспекциски служби и претставници од ПС-Гевгелија извршија увид на местото констатирајќи дека пожарот предизвикал штета на површина од 30 хектари. Од кои 15 хектари обработлива земја жито. Констатирани се материјални штети, како изгорена механизација, цела штала со 7 животни и викендичка. Во пожарот настрадало и едно куче.
Во истиот период, вчера попладне, пожар избувна и во Ново Конско, крај патот кон Моин, кој зафати помала површина со нискостеблести растенија. Од страна на ТППЕ- Гевгелија е мобилизирана пожарникарска екипа за гаснење на пожарот. Брзата интервенција на пожарникарите од ТППЕ- Гевгелија и покрај силниот ветер спречи пожарот да се прошири и да зафати магацин, близу местото каде што избил.
ТППЕ- Гевгелија уште еднаш апелира до граѓаните за совесно однесување, посебно до земјопоседниците да не ги палат стрништата и земјоделските отпадоци. Истовремено, ги потсетуваат и на делумната забрана за движење во шума и шумското земјиште на целата територија на РСМ која ја воведе ЈП Национални шуми, по претходно добиена согласност од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Забраната важи од 06:00 до 20:00 часот, а останува во сила до проценката кога ќе биде намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзино отповикување.