36 лица од општина Гевгелија ја оправдаа хуманоста со крводарување
На крводарителската акција организирана од
Црвен крст- ОО Гевгелија, која се одржа вчера, се собрани 36 единици крв. Гевгеличани уште еднаш ја потврдија хуманоста и го оправдаа слоганот на Граѓанската крводарителска акција под насловот „Да бидеме хумани за оние кои им е најпотребно“.
Организаторот им се заблагодари на крводарителите со мало внимание, истакнувајќи дека е задоволен од собраните количини крв кои ќе придонесат да се зголеми фондот на крвни единици за потребите на здравството. Како што рече и новоименуваниот секретар на Црвен крст- ОО Гевгелија, Лазар Мешков, кој по првпат ја даруваше драгоцената течност на оваа акција, дарувањето е огромен хуман чин, а со само 1 крвна единица може да биде спасен 1 човечки живот. Исто така, ја изрази и својата благодарност до членовите- волонтери од Клубот на младите при хуманитарната организација за несебичната заложба во логистичката поддршка. Крводарителската акција беше во соработка со службата за Трансфузиона медицина,Општина Гевгелија и Домот на културата „Македонија“- Гевгелија, а се спроведе во просториите на Народниот театар, со почитување на протоколите и заштитните мерки против КОВИД-19.
Досега, во Гевгелија, во текот на 2021 година, се организирани 3 крводарителски акции и тоа од Општина Гевгелија, хотел-казиното „Аполонија“ и Црвениот крст- ОО Гевгелија, а се собрани 132 единици крв. Така што, гевгеличани редодовно ја демонстрираат својата хуманост на дело, како една од највисоките вредности во човештвото.