Краток филм „Јас, дете“ за подигање на свеста против трговијата со луѓе
Локалната комисија за борба против трговијата со луѓе и
илегалната миграција при Советот на Општина Гевгелија го одбележува 30 Јули- Светскиот ден против трговијата со луѓе. За таа цел, во соработка со Домот на културата „Македонија“- Гевгелија и Драмското аматерско студио „Дон Кихот“ е сниман краток филм, по сценарио на монодрамата „Јас, дете“ од Владо Димовски, македонски автор кој пишува литература за деца. Станува збор за сценарио, во кое се прикажуваат најчестите причини и ризици кои придонесуваат за појава на трговија со луѓе, претежно деца, поради маргинализирани и дисфункционални семејства, злоупотреба на алкохол, дрога и злоупотреба на социјални мрежи.
Во филмот главната улога ја игра Aнгела Михајлова, а статисти се: Силвестер Проле, Светлана Стојковиќ, Ристе Чурлинов, Синиша Чамчиќ и Васко Трајков. Режијата е на Катица Џишева Дупарова. Сниманиот филм „Јас, дете“, главно наменет за младата популација, но и за возрасната категорија, има за цел да ја подигне свеста и да допре до сите луѓе за овој глобален проблем, со кој се соочува човештвото и ризиците кои се последица на истиот. Објавен е на официјалните веб-страна и Фејсбук-страна на Општина Гевгелија.
Имено, во Општина Гевгелија, во последните 10 години, се идентификувани 3 малолетни лица во присилен брак и сексуална експлоатација. На територија на државата, во 2020 година се идентификувани 12 жртви, од кои 1 полнолетен маж за трудова експлоатација и 11 малолетни девојчиња за сескуална експлоатација.