Доделен договорот на Општина Гевгелија за реконструкција на Домот на културата во Прдејци
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков,
го потпиша договорот со Владата на РСМ за доделување финансиски средства во висина од 10.220.420 денари, за реконструкција на Домот на културата во населеното место Прдејци. Имено, на денешното потпишување, се врачија договорите за последната транша од 35 проекти на остатнатите 33 општини во вредност од 22,3 милиони евра преку ТАВ проектот. Меѓу кои и на Општина Гевгелија која беше дел од листата на одобрени проекти, за што се обезбедени средства со пренамената на финансиите од ТАВ предвидени за изградба на карго аеродром во Штип. Во висина од 49,7 милиони евра за 99 проекти на 75 општини за изградба и реконструкција на: локална патна инфраструктура, водоснабдителна мрежа, канализациони мрежи, реконструкција и изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи и за други проекти што ги предложија општините и беа прифатени одлука на Владата на РСМ.
- Задоволен сум од соработката со ТАВ Македонија и сите општини кои аплицираа за договорите, а плод на ова трипартитно партнерство се вкупно 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон секојдневните реални потреби на граѓаните во вредност од 49,7 милиони евра што во наредниот период ќе се реализираат во 75 општини низ целата земја, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на доделувањето на третата последна група договори од ТАВ програмата за инфраструктурни проекти.
- Со денешниот настан успешно го комплетираме процесот на доделување на договорите и следува периодот на нивна реализација. Сигурен сум дека ТАВ и сите општини ќе вложат напори сите проекти да се реализираат со предвидената динамика. Во целата земја ќе се спроведуваат инфраструктурни проекти за да бидат подобро поврзани нашите населени места и да имаат квалитетно и континуирано водоснабдување. Ќе го зголемиме квалитетот на комуналните услуги, ќе обезбедиме повисоко ниво на заштита на животната средина, ќе се работи на училишни згради, болници, домови на култура, младински центри, домови за стари лица, надополни Битиќи и додаде дека на тој начин граѓаните ќе добијат поквалитетен живот во местата во кои живеат.
На доделувањето присуствуваше и генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак, кој истакна:
- Од овие 35 проекти, 34 се проекти на општините, додека еден е проект за инвестиции на двата македонски аеродроми во вредност од 14,7 милиони евра. Како општествено одговорна компанија, ние силно веруваме дека бизнис-инвестициите треба да дадат бизнис-резултати, но и подобрување на животот на македонските граѓани. Среќни сме што сме овде со Владата, како наш партнер, и горди што ја исполнуваме нашата обврска како концесионер на аеродромите.
Градоначалникот Поцков изрази благодарност до Владата за добиените средства истакнувајќи дека конечно ќе финишира реконструкцијата на Домот на културата во населеното место Прдејци, проект кој беше одамна започнат, а не е завршен. Потенцирајќи дека веќе е изработен основен проект со сите неопходни документи, според кој објектот ќе располага со повеќенаменска сала, изложбен простор и придружни простории.