Ставен под контрола пожарот на шумскиот појас крај македонско-грчката граница
По четиричасовната борба со пламените јазици кои го
зафатија шумскиот појас крај македонско-грчката граница, пожарот е ставен под контрола. Поради отежнатите временски услови, односно тивкиот ветар, на одредени места има активни пламени јазици, но пожарот е локализиран. Од ТППЕ- Гевгелија информираат дека пожарот зафати огромна површина борова шума, околу 30 хектари, а поради ветрот истиот се прошири до грчката територија, зафаќајки ја и граничната караула на АРМ, каде опожарено е едно полициско возило. Во локализирањето на пожарот, покрај ТППЕ- Гевгелија, учествуваа и ЈПДК „Комуналец“- Гевгелија со механизација, Шумско стопанство- ПЕ „Кожув“- Гевгелија, граничната полиција и вработени од хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“ и БП „Шимов“. Додека, на грчката страна во локализирањето беа вклучени и пожарникарите од Поликастро. Засега, екипа од ТППЕ- Гевгелија останува на терен за да ја следи состојбата со активните жаришта и спречи можноста за повторно пламнување и проширување.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, постојано ја следеше и координираше работата за локализирањето на пожарот на самиот терен. Во изјавите за медиумите истакна:
- Jа изразувам својата благодарност за херојството и интервенцијата на гевгелиските пожарникари, вработените од ЈПКД „Комуналец“ и Шумско стопанство- ПЕ „Кожув“- Гевгелија, вработените од хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“, БП „Шимов“, граничната полиција и ПС- Гевгелија. Како и до ТППЕ и градоначалниците на Демир Капија, Неготино и Кавадарци кои веднаш излегоа во пресрет на барањето на Општинскиот кризен штаб и се придружија на сите нам во борбата со пламенот, придонесувајќи да се избегне катастрофа од поголем размер. Oдносно, пожарот да ги зафати: хотел „Фламинго“, хотел „Принцес“, граничниот премин и двете бензински пумпи „Шимов“ и „Окта“.