Општина Гевгелија повторно на врвот по опфатот на вакцинирано население против КОВИД-19
Според последните податоци на Министерството за здравство,
општина Гевгелија повторно води по процентот на вакцинирано население против КОВИД-19. Имено, половина од населението во општина Гевгелија, 51% веќе е имунизирано против КОВИД-19 со прва доза вакцина. Или, во бројки- 14.026 лица. Додека, ревакцинирани се 10.732 лица. Зад Гевгелија е Кавадарци со 50,3%. По нив следат, Неготино со 47,9% и околните места, Битола и Ресен со 46.3% и 46.7 проценти.
За непреченото вакцинирање против КОВИД-19 во Гевгелија укажува и последниот пресек направен од Општата болница со проширена дејност- Гевгелија, каде заклучно со 6 август на двата пункта прва доза примиле 8.746 граѓани од општините Гевгелија, Богданци и Дојран. Во вкупната бројка вакцинирани влегуваат и жителите на населените места кои се имунизираа преку теренската вакцинација- 1.554 лица. Додека, ревакцинирани се 3.726 лица.
Во здравствениот билтен на Гевгелија евидентирани се 2 нови лица- заболени од КОВИД-19. Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, апелира до граѓаните за доследно почитување на мерките на Владата на РСМ, како би се спречило ширењето на заразата и не би дошло до ескалирање на бројката, имајќи го предвид новиот бран од КОВИД-19.