И покрај пандемијата, културата во Гевгелија продолжува да живее
И покрај пандемијата од КОВИД-19 која веќе втора година по ред
е присутна во светот, културата во општина Гевгелија продолжува да живее. Потврда за тоа дека е така, зборуваат многубројните одржани културни манифестации во Гевгелија, поддржани од страна на Општина Гевгелија преку Програмата за финансирање програми и проекти од областа на културата за 2021 година. Во која, со финансиска помош за одржување културни активности се опфатени 38 правни субјекти и физички лица- подносители на проекти. Како на долгогодишните традиционални манифестации, така и на нови манифестации кои го збогатуваат културниот дух на градот. Како на пр.: претстојните две културни обележја „Смоквијада, 2021“ и „Бош 13 Фестивал“ кои ќе бидат одржани во текот на септември, со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.
Имено, од почетокот на јануари до втората половина на август, без разлика на пандемските услови и носењето мерки и протоколи од страна на Владата на РСМ за заштита на граѓаните од КОВИД-19, на гевгелиската публика не и беше ускратено правото на богат културен живот и посетување и следење: театарски претстави, поетско-музичко манифестации, ликовни изложби, концерти на класична и традиционална музика и сл. Така, во текот на изминувањето на третиот квартал на годинава, во листата на реализирани проекти од областа на културата во Гевгелија се запишани околу 50 настани од сопствената продукција на институциите или во соработка со други културни институции ширум државата. Кои, гевгелиската јавност ги следеше со физичко присуство или онлајн од дома за време на рестрикциите.
За потсетување се многубројните активности за деца и возрасни на: Домот на културата „Македонија“- Гевгелија со широкиот спектар на настани од различните области на уметноста, како: одбележувањето на Спасовден со четиридневна културна програма, повеќепатното гостување во Гевгелија на Ансамблот „Македонија“ со целовечерни концерти, концерти на класична музика, во изведба на истакнати домашни музичари, работилници за традиционална и изворна музика, театарската претстава од сопствената продукција „Умри машки“, во изведба на ДАС „Дон Кихот“, уличниот перформанс „Ноќ во музејот“, поетско-музичката манифестација „За тебе љубов моја“ и сл.; Пионерскиот дом со реализираните ликовни изложби на децата од Ликовната работилница и самостојни, ликовни изложби на домашни истакнати уметници-членови на ДЛУМ И ДЛУГ, изложбата „Црногорско кирилско печатарство“ во соработка со Матица Црногорска и др.; а наскоро се очекува да излезе од печат антологиската збирка „Метрички карван 8 Гевгелија-Охрид“ во издаваштво на ЈОУ Библиотеката „Гоце Делчев“- Гевгелија. Одржаните: Музичкиот фестивал „ЕВРОПОРТА- ФЕСТ 2021“, активности на Ансамблот „Бојмија“ и двете културно-уметнички друштва „Негорци“ и „Браќа Толеви“, музичките класични концерти во организација на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија и ЗГ „Музички моменти“, Летниот фестивал „Ѕуница“, во огранизација на „Минимал Арт Клуб“ од Миравци и сл.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, изрази задоволство што и во вакви услови, културниот живот во Гевгелија продолжува, а Општина Гевгелија е секогаш подготвена финансиски да ги поддржи сите културни институции, здруженија на граѓани или самостојни уметници кои со своите проекти придонесуваат за развојот на културата. Уште поголемо задоволство што гевгеличани имаат сенс за културен живот. Покажувајќи го тоа на дело, со заземањето место во публиката и внимателно следејќи ги настапите. На крајот од манифестациите, давајќи го својот аплауз, како резултат на задоволство, без разлика дали учествуваат учесници од Гевгелија кои уживаат да го дадат својот придонес, истакнувајќи ги своите таленти, со цел збогатување и развивање на културниот живот или веќе докажани, истакнати уметници од Гевгелија и останатите градови во државата.