Од идеја до реализација- Младинска акција за разубавување на градскиот парк на ул. „Маршал Тито“ во Гевгелија
Денеска, во рамките на Проектот на УСАИД за
меѓуетничка интеграција на младите во образованието, претставници на проектниот тим од Македонскиот центар за граѓанско образование и Младински образовен форум беа во посета на Гевгелија. Посетата се должеше на извшрувањето увид во активностите за реализација на иницијативата на учениците од СОУ „Јосиф Јосифовски“ и двете Основни училишта „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“- Гевгелија - Младинската акција за разубавување на градскиот парк на улицата „Маршал Тито“.
По остварената средба со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, со претставниците од МЦГО и МОФ, Беса Речи и Дејан Ризински, заминаа во посета на градскиот парк, каде на лице место младите од Гевгелија работеа на оплеменувањето со нова урбана опрема, поставување на две нови реквизити за деца, фарбање на оградата и веќе постоечката урбана опрема. Како и новото лед-осветлување на паркот и хортикултурното уредување. За што, Општина Гевгелија во соработка со ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и имплементаторите на Проектот ги поддржаа младите со младинската акција да придонесат Гевгелија да биде уште поубаво место за живеење. На младинската акција присуствуваа и директорите на трите училишта, наставниците кои им помагаа на учениците и претставници на општинската администрација.
Градоначалникот Поцков им посака топло добредојде на гостите, истакнувајќи:
- Драги претставници на проектниот тим, Ви посакувам топло добредојде во нашиот град! Чест ми е и задоволство што сте во Гевгелија, заеднички да извршиме увид во реализацијата на активностите од младинската акција на учениците од двете основни училишта во Гевгелија „Владо Кантарџиев“ и „Крсте Мисирков“ и Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија за разубавување на еден од најстарите паркови на улицата „Маршал Тито“, во Гевгелија. Во склоп на Петгодишниот проект за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, како дел од Програмата на УСАИД за подобрување на меѓуетничката интеграција во Република Северна Македонија. Уште поголемо задоволство ми е што, во рамките на Проектот, локалната самоуправа, заедно со имплементаторите, им излезе во пресрет на барањата и потребите на граѓаните, односно на најмладите сограѓани- преку младинска акција родниот град да стане поубаво место за живеење. Драго ми е што соработката помеѓу Општина Гевгелија и УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието продолжува, слушајќи го нивниот глас за делување во општествените сфери на живеење. Истовремено, овозможувајќи им, во соработка со стручните кадри, позитивни интеракции помеѓу младите од различна етничка припадност на ниво на училиште и на заедница, како и подoбрување на вештините за граѓанско образование, однесувања и волонтерски практики на младите.
Вам, ученици, директори и наставници, Ви честитам за учеството во Проектот и за успешнато реализирање на иницијативата, за вложениот труд и одвоено време- овој парк да биде уште попривлечно катче во природа за: одмор, дружење, спријателување, размена на муабет, место за играње на децата и место за паметење и спомнување, каде се доживеале незаборавни мигови.
Ја изразувам мојата благодарност до УСАИД, Македонскиот центар за граѓанско образование, Младинскиот образовен форум, ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и вработените во Општина Гевгелија за несебичната поддршка, логистика и пружената помош- една идеја на млади, перспективни луѓе да стане реалност.
Претставниците на проектниот тим ја изразија благодарноста за гостопримливоста и задоволството од реализацијата на младинската акција на гевгелиските ученици, за соработката со локалната самоуправа и поддршката за младинско застапување и унапредување на младинските политики. Уште позадоволни од тоа што на организираните онлајн-работилници ги научиле учениците како да дефинираат предлози, идеи, иницијативи и истите да ги презентираат пред локалните власти за нивно исполнување.
За медиумите, ученичката од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, Ѓоргина Лешева, која беше дел со останати соученици во активностите Проектот, во својата изјава истакна:
- Особена чест и задоволство ни е што ја реализираме младинската акција на учениците од двете основни училишта и Гимназијата во Гевгелија- Разубавување на градскиот парк кај Железничка станица во рамките на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието. Како една од идеите на младите од општина Гевгелија за подобрување на живеењето на граѓаните.
На младинските онлајн-форуми за застапување приоритети при носењето одлуки пред нашата самоуправа, организирани од страна на МОФ И МЦГО, произлегоа повеќе идеи: нашиот град да добие Младински центар, да се модернизира паркот или да се спроведе хуманитарна акција за помош на штитениците на Дневниот центар за лицата со посебни потреби. Од кои, приоритет и се даде на младинската акција за модернизирање на паркот кај Железничката станица. За таа цел, денес сме тука да ја реализираме нашата иницијатива, оплеменувајќи го нашиот најстар парк со освежување со бои, поставување дополнителна урбана опрема, уште две нови реквизити за деца, лед-осветлување на паркот, фарбање на оградата и хортикултурно уредување.
Голема благодарност до Општина Гевгелија, МОФ И МЦГО за поддршката во реализацијата на нашата акција во целата постапка- од идеја до реализација. Односно, градскиот парк да стане место каде што сите генерации ќе поминуваат дел од слободното време. Честитки до сите учесници во Проектот!