65 седница на Совет на Општина Гевгелија: Донесени повеќе одлуки и решенија
Советот на Општина Гевгелија денешната 65 седница
ја одржа во Големата сала на Народниот театар, имајќи ги предвид моменталната епидемиолошка состојба во општината со КОВИД-19, капацитетот на Големата сала на Советот на Општина Гевгелија за одржување на седницата и почитување протоколите и мерките за заштита од КОВИД-19. На истата беа донесени повеќе одлуки и решенија како: Одлука за приоритет на проект: „ Ревитализација на дел од улицата „Методија Андонов Ченто“ во населеното место Мрзенци, општина Гевгелија“, по барање на Министерството за транспорт и врски. Со мнозинство гласови, се даде приоритет на реконструкција на оваа улица, бидејќи постоечката улица е со непрописна ширина, не дозволувајќи одвивање на сообраќајот во два правца. За ревитализацијата се обезбедени средства од Министерството за транспорт и врски, во висина од 900.000 денари, за што по донесената одлука на Совет, избраната градежна фирма со најповолна понуда на спроведената тендерска постапка „Жикол“, ќе започне со воведување во подготвителните работи за реконструкција на истоимената улица, од влезот на Мрзенци, па се до центарот, каj ресторанот „Јавор“.
Предмет на расправа на оваа седница беше и доставениот Елаборат за процена на штетите од природна непогода- голомразица што ги зафати населените места Гевгелија, Негорци, Миравци, Прдејци, Милетково и Богородица во периодот од 8 до 10 април, 2021 година. При извршениот увид од страна на Општинската комисија за процена на штети од елементарни непогоди во сите населени места врз основа на 18-те пријави од физички и правни лица, на кои им беа погодени земјоделските имоти, согласно Методологијата за процена на штети од елементарни непогоди, е констатирана штета на површина од 92.78 ха. Вкупната штета на ниво на општина Гевгелија изнесува 34.870.072 денари. По усвојувањето на Елаборатот од страна на советниците, истиот ќе биде доставен на понатамошно разгледување и за негово одлучување до Државната комисија за проценка на штети од елементарни непогоди при Министерството за финансии и до Владата на РСМ.
Имено, по извршениот вонреден, инспекциски надзор во Општина Гевгелија од страна на Државните инспектори за локална самоуправа и изготвениот Записник и Решението за инспекциска мерка, советничкиот состав ја донесе Одлуката за измена на Одлуката за формирање на Општински совет за превенција на детско престапништво и го усвои Решението за измена на Решението за именување членови во Општинскиот совет за превенција на детско претстапништво. Согласно препораките, во горенаведениот Совет да не членуваат претставници на Советот на Општина Гевгелија, имајќи го предвид Законот за правда на децата и членот 158 во кој се утврдени претставниците од надлежните институции.
Со едногласна одлука од дневниот ред беше симната точка 5 – Предлог-Решение за именување член во Управниот одбор на заедничкото Јавно претпријатие за заловување кучиња „АСТРА Луна“- Струмица. Советот на Општина Гевгелија даде согласност на Годишниот план за вработување во Општина Гевгелија. Исто така, донесе Одлука за давање на користење на Процената на загрозеност од ризици и опасности за настанување на кризна состојба на подрачјето на Општина Гевгелија за потребите на СВР- Струмица и Регионалниот центар за гранични работи – Југ Кавадарци.
Oд страна на советниците беше дадена согласностз а формирање на паралелки со помал број ученици во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија за учебната 2021/2022 година, беа исвоени Извештаите за работа на Основните училишта: „Владо Кантарџиев“, „Крсте Мисирков“, „Ристо Шуклев“- Негорци, „Климент Охридски“- Миравци и ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија за учебната 2020/2021 година и Годишните програми за нивното работење, за учебната 2021/2022 година, како и Програмите за изведување на ученички екскурзии и други слободни активности на учениците од ООУ: „Крсте Мисирков“ и ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Исто така, и Годишните планови за вработување на културните институции: Домот на културата „Македонија“- Гевгелија и ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ ја добија согласноста од страна на советниците.
На разгледување и усвојување беше и Извештајот за работата на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија за 2021/2022 година, а се даде согласност за работното време и зголемување на бројот на децата во групите на институцијата за претшколска возраст за 2021/2022 година. За ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Советот даде согласност на Одлуката за распределба на добивката за 2020 година, Финансискиот извештај за периодот од 1.1 до 30.6.2021 година, со посебен осврт на периодот од 1.4 до 30.6.2021 година и Годишниот план за вработување за 2022 година. Членовите на Советот донесоа одлуки за утврдување потреба од определување заштитна зона околу бунарско подрачје Вардар и околу бунарите за водоснабдување Моин.