Изведбени работи за бетонирање на три улични крака во Негорци
Градежната фирма „Пелагонија Тириц“ откако заврши
со бетонирањето на кракoт од улицата „Браќа Толеви“, најфреквентната пристапна улица која води до влезовите на Подрачното училиште и новата Детска градинка „Развигорче“ во населеното место Прдејци, со својата механизација се префрли во населеното место Негорци. Имено, за подобрување на патната инфраструктура во ова населено место, се бетонираат три крака, два од улицата „Гоце Делчев“ и еден од улицата „Маршал Тито“.
Претходно, во Негорци беа асфалтирани улиците „Ѓорче Петров“, „Гоце Делчев“, „Ристо Шуклев“, а се доасфалтираше и патниот правец Негорци-Кованец. Исто така, беа бетонирани повеќе краци од улиците: „Ѓорче Петров“, „Ристо Петров“, „Ангел Трајков“, „Фердинанд Јованов“, како и беше уредена со павер-елементи улицата „Ѓорге Велков“. За што се издвоија средства од Општинскиот буџет, согласно Програмата за одржување на локалната патна инфраструктура.
Во Гевгелија, заврши и бетонирањето на кракот од улицата „Ѓорги Стамов“, напоредно ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, во изведба на истоимената фирма која е избрана со најповолна понуда за бетонирање на помали улици и краци во општина Гевгелија.