Предаден во употреба Клубот на пензионери во Моин
Во општинските простории во населеното место Моин, денеска, беше
предаден во употреба Клубот на пензионери за повозрасната генерација. На свеченоста присуствуваше градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, заедно со претседателот на Општина Гевгелија, Тодор Ристов и претставник од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија, Миле Атанасов.
Кон присутните се обрати Велин Стоименов, претседател на Здружението на пензионери- Гевгелија, честитајќи им го пуштањето во употреба Клубот на пензионери- Моин, зад која иницијатива стоеше и самото Здружение. Истовремено, ја изрази и својата благодарност до градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и ЈПКД „Комуналец“, Активот на жените-пензионерки при Здружението, Здружението на пензионери од Дојран и Штип и неколку жители од Моин за поддршката на иницијатива- објектот да стане функционален, каде пензионерите ќе имаат можност за дружење, одмор и рекреација. Особено, горд што ова е шестиот отворен Клуб на пензионери во општината:
- Овој Клуб ќе биде пријатно место и катче каде пензионерите ќе имаат можност своето слободно време да го минуваат дружејќи се, читајќи весници, разговарајќи за актуелни теми, играјќи шах, домино, табла, карти.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, го поздрави отворањето на Домот на пензионери.
- Драго ми е што повозрасната генерација во Моин добива објект за минување на пензионерските денови. Општина Гевгелија секогаш ќе излегува во пресрет на барањата и потребите на пензионерите од Гевгелиско, покажувајќи ја грижата и помошта на дело како обврска на локална самоуправа за подобрување на животниот стандард, рече Поцков.
Имено, општинските простории наменети за Клубот на пензионери беа реконструирани со поддршка на Општина Гевгелија и ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и Здружението на пензионери од Гевгелија во соработка со останати Здруженија од државата и жители на населеното место Моин. Беше заменета старата кровна конструкција, столаријата и подот, а просториите опремени со мебел и реквизити.