Крај браната „Конско“ ќе никне урбанизирана туристичка населба
Паралелно со изградбата на браната „Конско“ крај Гевгелија,
се вршат подготовки за урбанизирање на целиот крајбрежен појас и уредување на туристичка населба. Општина Гевгелија нарача Урбанистички план во населено место за Старо Конско, како и просторот околу браната „Конско“. Урбанистичкиот план е во завршна фаза и го изработува „Иванов инжинеринг“ од Битола, која проектанска фирма на распишаниот јавен повик за изработка на урбанистички планови имаше најповолна понуда. Исто така, урбанистички план се изработува и за вон населеното место Ново Конско, со што се создаваат урбанистички предуслови за урбанизација на целиот потпланински појас од Кожуф планина.
Според градоначалникот на општина Гевгелија уште од почетокот на изградбата на браната „Конско“, од страна на Oпштината е иницирана постапка за изработка на урбанистички план за околниот простор. Бидејќи, тоа е главен предуслов за уредување на целата локација и развивање на планинскиот туризам во овој дел на општината. Со планот ќе бидат предвидени локации за викенд-куќички, но и целокупната потребна инфраструктура и услови за алтернативни форми на туризам. Всушност, и овој проект е дел од Стратегијата за развој на туризмот на Општина Гевгелија, донесена во 2020 година.
Инаку, во рамките на активностите за урбанизација на одделни делови во Гевгелија и населените места во општината, на претстојната седница на Советот на Општина Гевгелија, на дневен ред ќе се најдат одлуките за донесување на три нови урбанистички планови. Станува збор за Измени и дополнувања на ДУП за Блок 10.2, општина Гевгелија, измена и дополнување на УП за село Прдејци, како и ДУП за Блок 11 (11.2) КО Гевгелија и КО Мрзенци. Со овој ДУП ќе се создадат услови за урбанизирање на влезот од Гевгелија и реализација на повеќе приватни инвестиции.