Преосветен Божјиот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија
На два дена пред верскиот празник Мала Богородица,
во Гевгелија беше просветен Божјиот храм „Св. Кирил и Методиј“. Во присуство на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, многубројните верници од Гевгелија и населените места, Митрополитите: Повардарски г-дин Агатангел, Преспанско-пелагониски г-дин Петар, Европски г-дин Пимен, Брегалнички г-дин Иларион, како и од бројно свештенство на МПЦ-ОА го извршија чинот на преосветувањето по комплетното внатрешно и надворешно реновирање на храмот, новиот иконостас и новиот фрескоживопис. Градоначалникот Поцков ја имаше честа да го запали првото кандило во обновената црква.
- Посебна чест и радост ми претставува што е преосветен овој духовен светилник кој е посветен на светите рамноапостоли и сесловенски просветители, Кирил и Методиј. Храмот е место каде сеприсутноста на Бога е посебно изразена, затоа што тоа е Божји дом, во кој што господар е самиот Бог а свештениците се „управници на тајните божји“. Спасителот, Господ Исус Христос да го помилува нашиот народ, а овој обновен духовен горостас во срцето на Гевгелија нека биде симбол на непоколебливата вера на македонскиот народ и нова надеж за уште поголем духовен и егзистенционален раст на градот и неговите жители, кои во лицето на светите рамноапостоли и сесловенски и семакедонски просветители Кирил и Методиј, имаат големи закрилници и застапници пред престолот на Севишниот Бог, даде благослов Митрополитот Повардарски г-дин Агатангел, заблагодарувајќи се на сите ктитори кои сестрано помогнаа да се обнови Црквата Свети Кирил и Методиј.
Обраќајќи се на верниците, Митрополитот на Преспанско- пелагониската епархија, г-дин Петар го искажа своето задоволство што присуствува на вака значаен настан, на кој се преосветува овој обновен храм, кој е „облечен“ во ново руво, посветен на Светите Кирил и Методиј, кои се не само македонски просветители, туку и сесловенски.
По чинот на преосветување, беше отслужена света Божествена литургија, која беше збогатена со црковно пеење на Градскиот мешан хор „Гортинија“.