Продолжување и унапредување на соработката на Општината со граѓанските организации
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес во
Скопје го потпиша Меморандумот за разбирање со партнерските општини за реализација на проектот за реализација на Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан (ReLOaD2) во Северна Македонија. Општина Гевгелија е една од осумте општини, којашто на објавениот јавен повик беше избрана за имплементација на овој проект. На настанот учествуваа: Горан Милевски, министер за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Нарине Сахакјан, претставник на УНДП во Северна Македонија, претставници на Европската комисија, градоначалниците на осумте општини, како и претставници од граѓанскиот сектор во Северна Македонија. За време на настанот, беа презентирани резултатите добиени од имплементацијата на првата фаза на проектот во Западен Балкан, како и планот за наредните четири години.
По успешната имплементација на првата фаза од Регионалната програма за развој на локалната демократија, со денешното потпишување на меморандумот започнува втората фаза од проектот кој ќе биде имплементиран во осум општини. Со проектот се предвидени обуки за вработените во Oпштините, поддршка на проекти од јавен интерес, како и обезбедување на обуки за граѓанскиот сектор, за зајакнување на нивните капацитети за подготовка на проекти. Програмата има за цел да ги зајакнува капацитетите на општините и на граѓанските организаци, да воспостават долготрајни партнерства и да придонесуваат за подобрено давање услуги и реализација на локланите приоритети. Всушност ReLOaD2 е продолжување на регионалната иницијатива поддржана од страна на Европската унија и спроведена од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија). Во наредните четири години (2021-2024), Акцискиот план ќе продолжи да ја поддржува соработката помеѓу локалните власти и граѓанскиот сектор, со цел воспоставување на транспарентно финансирање на граѓанските организации со јавни средства.
- Градењето партнерства меѓу локалните власти и граѓанското општество, засновано на транспарентен и развојно-ориентиран пристап, е главен предуслов за поголемо граѓанско учество во процесите на креирање и имплементација на локалните политики. Досегашното позитивно искуство во Општина Гевгелија потврдува дека зајакнатата соработка поомеѓу Општината и граѓанските организации го потикнува локалниот развој и го подобрува квалитетот на животот на локалните граѓани. Во прв ред, преку директната финансиска поддршка за дваесеттина граѓански организации што ја обезбедува Општина Гевгелија преку Програмата за финансиска поддршка на НВО. Но, и преку заедничките активности и акции што се спроведуваат, главно, за заштита на животната средина, но и за поголема грижа за децата со попреченост. Затоа и прифаќањето на апликацијата и вклучувањето на Општина Гевгелија во реализацијата на оваа регионална програма на УНДП претставува нов значаен поттик за натамошно унапредување на соработката со граѓанските организации, изјави градоначалникот Сашо Поцков, по потпишувањето на меморандумот.
Инаку, Советот на Општина Гевгелија донесе одлука за кофинансирање на проекти на Граѓански организации во рамките на јавните повици организирани преку Регионалната програма за локална демократија 2 (ReLoaD2). Предвидено е локалната самоуправа да кофинансира проекти од минимум 20% од вкупниот износ на средствата на граѓанските организации што ќе бидат распределени, во максимален износ од 83.500 долари.