Интензивно се одвива пробивањето на ул. „Св. Климент Охридски“ во Гевгелија
Продолжуваат градежните активности од првата фаза за
изградба на улицата „Св. Климент Охридски“- продолжувањето на Западниот булевар и неговиот западен крак во Гевгелија. Градежната механизација на „Еуроинг“ интензивно работи на пробивањето на улицата, од Грчката зграда на „Караорман“, па се до Динќут. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1230 м., ќе се изведува долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со „Моински пат“ кај Динќут.
По изградбата на оваа значајна сообраќајница, ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата „Петар Мусев“. Имајќи предвид дека на истата улица се наоѓа и ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, а ќе се зголеми безбедноста на пешаците- учениците кои транзитираат по истата за да стигнат до училиштето.
Имено, изградбата на Западниот булевар е еден од четирите капитални проекти за подобрување на патната инфраструктура во општина Гевгелија. Во тек се и изведбените работи за изграбда на улицата „Александар Бел“ во станбената населба на Мрзенски Рид, чиј изведувач е градежната фирма „Жикол“. За продолжението на Западниот булевар, за сервисната илица кај Милци и улицата „Александар Бел“ во Општинскиот буџет се обезбедени 37 милиони денари, додека изградбата на улицата „Методија Андонов Ченто“ ќе чини 14 милиони денари. Овие средства се обезбедени од доделените 900.000 евра од Светска банка, кој грант се реализира преку програмата на Министерството за транспорт и врски.