Нови инвестиции во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија
Продолжуваат инвестициoните зафати за подобрување на
воспитно-образовниот процес во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. За првпат, откако е изграден Средноучилиштниот центар, се обележува спортското игралиште. Покрај обележувањето на теренското игралиште во сино-црвена боја, која акција ја спроведе самото Училиште, со средства од сопствениот Буџет, во рамките на акцијата на Општина Гевгелија за уредување на јавните спортски игралишта во општина Гевгелија, поставени се две нови кошаркарски табли, со челична рамка електростатски офарбана, со дебелина од 6 мм. и димензии 180х150 цм., изработени од транспарентен плексиглас. Чие монтирање го изврши ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија како дел од соработката со Општина Гевгелија, водејќи грижа младите гевгеличани да имаат уредени спортски игралишта за развивање на здравиот дух преку спортот. Во изминатиот период беше поставена патека за влез на учениците од оваа североисточна страна, а истовремено беше нанесена земја за исполнување и порамнување на просторот во должина на зградата на Училиштето. Предвидено е да се постават и метални ракометарски стативи со цел да се комплетира и осовремени просторот.
Исто така, во тек се изведбените работи за изградба на Медија центар. Станува збор за реконструкција на поранешната просторија каде се наоѓаше Училишната библиотека. Проектот предвидува и простор за читална и презентации, изведување драмски проби, со намена за учениците за нивна релаксација и доедукација. Ќе биде заменет дотраениот под со нов, а ќе се изведат и декоративни молеро-фарбарски работи.
Раководството на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија истакна дека кон крајот на средината на октомври, 2021 година, ќе биде ставен во функција новиот Медија центар.
Имено, претходно, во СОУ „Јосиф Јосифовски“ беа вложени значајни инвестиции за подобрување на условите за работа и изведување настава. Како: изградбата на 21 училница за изведување едносменска настава, се реконструираа угостителската сала и тоалетите, се уредија соблекувалните и простириите во Спортската сала на Училиштето, се набавија нови ИТ-уреди. Исто така, се реновираше и амфитеатарот во дворот на Училиштето, а за потребите на навременото информирање во врска со наставата ставена во употреба е и разгласната станица.