Со доделениот грант од Светска банка ќе се градат „Јужната улица“ и улица „Кожув“
„Продолжува реализацијата на Програмата за уредување на патишта
со доделениот грант од Светска банка за Општина Гевгелија, во износ од 900.000 евра“, беше констатирано на денешната средба на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој престојуваше во работна посета на Гевгелија и градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков. Од овој грант веќе се реконструира улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци, во рамките на втората фаза од реализацијата на оваа програма на Министерството за транспорт и врски на РСМ.
На третиот повик за користење на преостанатите средства од доделениот грант, Општина Гевгелија ќе аплицира со два капитални проекти за изградба на две значајни сообраќајници во Гевгелија. Изградба на „Јужната улица“, долж крајбрежјето на Сува Река, од поранешна Касарна до Железничкиот мост, со што ќе се обезбеди сообраќајна врска на граѓаните кои живеат во северниот и во јужниот дел од градот. Покрај ова, ќе се создадат услови за рекреација бидејќи со проектот е предвидена посебна велосипедска лента. Со реализацијата на овој зафат ќе се обезбеди целосна сообраќајна заобиколница околу Гевгелија, односно поврзување на Западниот булевар со Јужниот булевар.
Со изградбата на улицата „Кожув“ во Гевгелија ќе се обезбеди алтернативен пат за пристап до Детската градинката „Сончогледи“, со што ќе се намали сообраќајната фреквенција на улицата „Ристо Јанев“, поточно на влезот пред градинката. Изградбата на оваа улица е посебно значајна ако се има предвид дека наскоро ќе започне доизградбата на Градинката „Сончогледи“.
Министерот Бочварски и градоначалникот Поцков извршија увид на изведбените работи на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Мрзенци, каде што се врши целосна реконструкција на оваа значајна сообраќајница. За реализација на овој проект, од доделениот грант од Светска банка за Општина Гевгелија, се издвоени 10 милиони денари.