Локални избори 2021: 12.872 лица од општина Гевгелија го оствариле правото на глас
Вчерашното гласање за Локалните избори 2021 година на подрачјето
на општина Гевгелија се одвиваше на фер, демократски и регуларен начин. Според ОИК Гевгелија, гласањето во сите 37 избирачки места започна навремено и се одвиваше во мирна атмосфера. Единствено се јавија одредени технички проблеми со уредите за биометриска идентификација на гласачите, и тоа, на повеќе избирачки места. Проблемите беа навремено надминати во координација со ДИК.
Гласањето во сите избирачки места заврши во 19:00 часот, освен во ИМ 0348- „Комуналец“- Гевгелија, каде што беше пролонгирано за 1 час и 40 минути, поради техничките проблеми со идентификациониот уред на стартот од гласањето. Нерегуларности во избирачките места не се забележани, освен на ИМ 0345, каде од страна на ОИК е констатирано со записник дека фали едно гласачко ливче од кочанот за Совет на Општина Гевгелија, кое подоцна е пронајдено во корпа за отпадоци.
Инаку, во првиот круг од Локалните избори 2021 во Општина Гевгелија од вкупниот број на запишани избирачи во избирачкиот список- 19.076 лица, правото на глас го оствариле 12.872 лица, односно 67,48%. Од кои, 160 стари, изнемоштени и болни лица, како и 2 лица болни од КОВИД-19 кои гласаа во сабота.
По сумирањето на резултатите, констатирано е дека од искористените 12.872 гласачки ливчиња за Градоначалник на општина Гевгелија, важечки се 12.161, а неважечки 711. Додека, од искористените 12.872 гласачки ливчиња за Совет на Општина Гевгелија, вежечки се 12.262, а неважечки 610.