Заврши тендерската постапка за реализација на проектите со германскиот грант
Меѓународниот јавен повик за реализација на проектите
со германскиот грант во Општина Гевгелија заврши. Во тек е евалуацијата на пристигнатите понуди и постапката за избор на најповолен изведувач, информираат во надлежната комисија по окончувањето на тендерската постапка. Со доделениот германски грант од 2,5 милиони евра преку KFW банката, во Општина Гевгелија ќе бидат реализирани неколку капитални проекти. Според веќе одобрените проекти за реализација, за кои беше објавен меѓународен јавен повик, предвидена е замена на водоводната линија од Гевгелија до Граничниот премин „Богородица“ и за населеното место Богородица. Додека, населените места Негорци и Прдејци ќе бидат приклучени на новиот Водоснабдителен систем во Гевгелија.
Со германскиот грант ќе биде извршена и сепарација на досегашниот постоечки мешовит канализационен систем и изградба на нова атмосферска канализациона мрежа во јужниот дел на Гевгелија. Исто така, ќе биде изградена атмосферска канализациона мрежа на улица „Никола Карев“ и дел од „Серменинска“ во Гевгелија. Покрај ова, во ЈПКД „Комуналец“ ќе бидат набавени дигитални водомери за домаќинствата во општина Гевгелија. Според одобрениот проект ќе биде реализирана втората фаза од замената на кориснички водомери со далечинско читање. Во ЈПКД „Комуналец“ во првата фаза беа заменет околу 3.000 стари водомери на домаќинствата со нови водомери со далечинско отчитување. Во втората фаза се предвидува замена на уште 2000 водомери, односно во сите домаќинства ќе бидат инсталирани дигитални водомери.