Усвоен кварталниот извештај и ребалансот на буџетот
Советот на Општина Гевгелија, на својата втора седница,
го усвои Квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, за период јануари-септември .2021 година. Во изминатото деветмесечие од вкупно проектираниот Буџет на Општина Гевгелија за 2021 година на 541.601.409 денари реализирани се вкупно 334.110.624 денари вкупни приходи или 61,69%. Од вкупно реализираните приходи 320.259.076 денари биле оперативни приходи, а 13.861.548 денари капитални приходи.
Советот на општината на оваа седница ги донесе и Измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година. Имено, со ребалансот се врши зголемување на Буџетот на Општина Гевгелија за 30.728.298 денари (5,6%) или од проектираните 541.601.409 денари буџетот е зголемен на 572.329.707 денари. Со измените и дополнувањата билансот на приходи ја има следнава структура: Даночните приходи во износ од 170.892.455 денари учествуваат со 29,87%, Неданочните приходи во износ од 27.836.497 денари со 4,86%, Капиталните приходи во износ од 36.500.000 денари со 6,37%, а Трансферите и донациите во износ од 337.100.755 денари со 58,90%.
Советот на Општина Гевгелија го одобри Планот за програми за развој на Општина Гевгелија за 2022 година, кои ги содржи сите поголеми проекти, кои веќе се во фаза на реализација или чија реализација ќе започне во наредниот период. Планот кој е составен дел на Буџетот на Општина Гевгелија, се состои од 15 развојни потпрограми поделени во 5 програми. Во програмата за изградба и реконструкција на општински патишта и улици се предвидени изградба на општинскиот пат Конско-Серменин-Миравци, заобиколниот пат околу Гевгелија - Јужен булевар, потоа, довршување на општинскиот пат Ново Конско-Ума, како и продолжување на Булеварот „Гевгелија“ со изградба на улицата „Свети Климент Охридски“ во Гевгелија.
Во системот за водоснабдување предвидена е реконструкција на водоводната мрежа во Гевгелија и во населените места, а од системите за пречистување на одводните води предвидена е изградба на атмосферска канализација и пречистителна станица за Негорци, Негорски Бањи и Прдејци, како и за индустриските зони „Блокотехна“ и “Прдејци“. Со развојниот план се предвидува капиталните расходи идната година да бидат наменети за регулација на речните корита на Сува река, Мрзенска река, одводниот канал Рауљ, гасификација на Општина Гевгелија, како и изградба на нова детска градинка во Гевгелија.