Изработка на проектна документација за ревитализација на ДТВ „Партизан“
Во рамките на редовните активности, градоначалникот на општина Гевгелија,
Андон Сарамандов, денеска ја посети спортската сала ДТВ „Партизан“ во Гевгелија. Притоа, Сарамандов, заедно со своите соработници, изврши увид во фактичката состојба на руинираниот објект. По увидот беше договорено од страна на надлежните општински служби да биде започната постапка за изготвување на проектна документација за ревитализација на овој објект. Имено, објектот располага со сала и придружни простории, кои во минатото се користеле за спортски активности и обуки.
- При увидот, констатирав дека спортската сала „ДТВ Партизан“ е во доста лоша состојба. За нејзина ревитализација, најпрво, е неопходно да се изработи идеен и основен проект, а по што ќе следи постапка за негова реализација. Оваа спортска сала, позната како „Соколски дом“, има историско и воопшто големо значење за гевгеличани. Објектот е изграден во 1935 година и на самиот почеток се користел за одржување на јавни настани и театарски претстави. Подоцна се користи за бројни спортски активности, пред се, на младите луѓе. Оттука и нашата обврска за ревитализација на спортската сала ДТВ „Партизан“ и нејзино ставање во функција на младите спортисти за подготовка и реализација на нивните активности. Особено, ако се има предвид дека бројот на новите спортски здруженија се зголемува, кои привлекуваат се поголем број на млади луѓе, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.