Заедничка мрежа за Македонија и Бугарија за превенција и справување со шумски пожари
Во рамките на Интерег ИПА програмата, прекуграничните региони на
Македонија и Бугарија ќе формираат заедничка мрежа за превенција и справување со шумски пожари. Во мрежата ќе бидат вклучени сите релевантни институции од двете страни на границата, надлежни за делување при пожари. Вмрежувањето е резултат на реалните потреби и искуства од терен, но и промовирање на волонтерството во противпожарната заштита. Во иднина, ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните во двете држави, како олеснување на соработката помеѓу локалните институции.
Исто така, во рамките на истата програма, сите 112 пожарникари од Југоисточниот регион, а меѓу нив и ТППЕ- Гевгелија, ќе добијат комплетна лична заштитна опрема за шумски пожари, како: комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат природата, а не ретко, како што е познато од минатото, има и човечки жртви.
Целиот проект чини близу 400.000 евра обезбедени од Европската Унија преку ИПА Интерег програмата. Инаку, Центарот за Југоисточен плански регион, преку проектот „Деловен еко-систем како интегриран систем“ (Акронин „Be In“), во рамките на Interreg- IPPA Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија 2014-2020 година, аплицираше за набавка на едно противпожарно возило за ТППЕ- Гевгелија, кој проект е прворангиран на утврдената листа.